„Кога бев мртов“ на Словенскиот народен театар вечерва на „Охридско лето“

Од:

Драмскиот дел од програмата на годинешното „Охридско лето“ започнува вечерва со настапот на актерите од Словенско народно гледалишче, кои во предворјето на „Света Софија“ ќе ја одиграат претставата „Кога бев мртов“, инспирирана од истоимената бурлеска на германскиот режисер Ернст Лубич од 1916 година.

Претставувајќи ја претставата нејзиниот режисер Диего де Бреа на денешната прес-конференција рече дека станува збор за специфична претстава, работена според нем филм од кој единствената копија била неодамна откриена токму во Словенија.

– Гледајќи ја премиерата во Љубљана, видовме дека филмот не беше цел така што ние требаше да додадеме содржина, а сето тоа да се спакува во театарска игра, доколку е тоа можно без говор како најважниот орган што ја претставува театарската база. Јас и актерите што се решивме да направиме претстава според филмот, прво почнавме да работиме некаква банална пантомима, што подоцна прерасна во нешто сосема непознато, претстава што наспроти филмот отвара многу повеќе илузии, и простор за фантазија, рече Де Бреа.

Тој нагласи дека пронашле јазик што исто така е мотивирачки како и психолошкиот реализам, со таа разлика што бурлеската како игра е многу поекспресивна, ја нагласува играта на телото, но ни малку не изостанува внатрешнатата мотивација кај актерите.

– Тоа е претстава во која дејството е активно проследено музичка подлога изведувана во живо на пијано, нешто како цртан филм, во кој дејството е точно фиксирано, а сепак секоја изведба е премиера оттаму што некои работи се изменуваат на сцена, појасни Де Бреа.

Улогите во претставата ги толкуваат Алојз Свете, Јанез Шкоф, Јернеј Шугман и Борис Михаљ, првенци на словенската театарска сцена и актери кои играле главни улоги во класични дела, овојпат толкуваат смешни улоги, во еден гротескен трилер.

Јернеј Шугман рече дека по долго време работа на класици, работиме комедија, нешто смешно, притоа макотрпно барајќи го театаркисот јазик, израз за оваа претстава во која нема дијалози.

– Копирањето на самиот филм немаше никава смисла, така што најголем дел од работата на претставата отпадна во потрагата по тој театарски израз што би соодветствувал на аншите замисли, рече Шугман, објаснувајќи го неговото ново искуство за првпат како и другите актери од претставата да работи бурлеска.

Темпото на играта во претставата и контролата врз самото дејство можеби во најголем дел е во рацете на пијанистот Јоже Шалеј, кој рече дека наспроти немите филмови со музичка заднина, во оваа претстава тој и самиот игра.

– Доколку јас го намалам интензитетот на музиката, актерите се опуштаат, оттаму морам постојано да форсирам темпо. Тоа не е бурлеска, тоа не е нем филм, тоа е како цртан филм, барем кога станува збор за музиката. Во потрагата по елемент што ќе даде уште поголем  акцент на одредено дејство во претставата, доаѓа до одредени измени, така што и после одиграни повече од 150 изведби, „Кога бев мртов“ во себе содржи елементи на премиера, истакна Шалеј.

Претставата  „Кога бев мртов“ ќе се игра на сцената во Предворјето на катедралната црква „Света Софија“, со почеток од 21 часот.

Инаку, селекторот на драмскиот дел на „Охридско лето“ Ѓорѓи Јолевски претставувајќи ја драмската понуда на годинешното издание на фестивалот, рече дека таа ќе биде мошне богата, со десетина театарски претстави од кои дури 60 проценти премиерни изведби.

Би можело да ве интересира

Поповиќ: Со одобрените 30 милиони денари од Министерството за култура ќе реализираме квалитетна програма

Музичка вечер на „Охридско лето“ со концертот на професионалниот мешан хор „Про Арс“

Вечер на Украина во рамките на „Охридско лето“ со пијанистот Алексеј Ботвинов

Црногорскиот виртуоз на виолина Роман Симовиќ на „Охридско лето“

На „Охридско лето“ пијано рецитал на Френк Дупре и претставата „Ана Каренина“ на Театарот од Нови Сад

Предраг Петровиќ

Полска вечер на „Охридско лето“ со концертот на гудачкото дуо Салвадор