Книжевни ѕвезди од Балканот на „ПРО-ЗА Балкан“

Од:

Наши и врвни автори од регионот ќе бидат гости на 8. Интернационален литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“, што ќе се одржи од денеска до 17 септември на повеќе локации во Скопје.

На првата фестивалска вечер во Куршумли-ан ќе биде промовирана и новата книга на авторот Бранислав Николов (Пијан Славеј) – „Срчки“.

Писателот Мухарем Баздуљ, еден од најчитаните во регионот, ќе настапи на првата вечер. Баздуљ е писател, новинар и преведувач. Неговите 20-ина книги се преведени на повеќе странски јазици, а ги има добиено голем дел од значајните новинарски награди во БиХ и во Србија. Две негови книги се преведени на македонски јазик – „Ѓаурот и Зухејда“ („Готен“) и „Кукла од марципан“ во издание на „Везилка“.

Освен Баздуљ, во Скопје ги очекуваме и: Угљеша Шајтинац (Србија) – добитник на Европската награда за литература, Маја Солар, авторка која се бави со феминистички и филозифски теми, и младата книжевна ѕвезда во регионот, Магдалена Блажевиќ (БиХ).

Македонската книжевна сцена ќе ја претстават две писателки – Калина Малеска и Елизабета Баковска.

Поради ковид-пандемијата, некои од авторите што ги поканивме во Скопје, сепак, ќе учествуваат од далечина. Анте Томиќ и Миљенко Јерговиќ подготвија полачасовно видео кое ќе биде уживање за сите книгољубци, додека Дамир Каракаш подготви луцидно и креативно излагање за неговите книги и светот во којшто моментално живееме.

Како што веќе беше најавено, годинашен лауреат на наградата за авторски придонес во балканската книжевност е големиот Исмаил Кадаре, којшто ја прими наградата „Прозарт“ пролетта во Франција.

Фестивалот и годинава ќе се одвива четири вечери, овојпат на три локации – Куршумли ан, Europe House и Кинотеката. Отворањето ќе биде на 14 септемри во 19.30 часот со претставување на делата на Баздуљ, Шајтинац и на Малеска, а ќе следи и видеомонолог на Каракаш. Првата вечер ќе биде промовирана и „Срчки“, новата книга на Бранислав Николов („Пијан славеј“). На промоцијата ќе настапат авторот и басистот Гоце Јованоски.

На вториот ден, во Europe House ќе биде организирана тркалезна маса на тема „Литература и криза: почетна точка за нови противотрови“. Ќе учествуваат гостите писатели и членовите на „Скопје fellowship“ програмата. Ќе следува средба на членовите на оваа програма со претставници на Македонска асоцијација на издавачи.

Вечерта ќе бидат претставени писателките Блажевиќ, Баковска и Солар и нивните дела, а музичарите Гоце Јованоски и Андреа Мирческа ќе изведат експериментална звучна импресија од филмот „Устав на Република Хрватска“ по сценарио на Анте Томиќ. Ќе следи видеоразговор меѓу Јерговиќ и Томиќ, изработен специјално за фестивалот.

На третата вечер која традиционално е посветена на лауреатот, ќе биде прочитан неговиот говор, а секој автор ќе прочита извадоци од своите дела.

Во рамки на дополнителната програма на фестивалот, на 17 септември во летното кино на Кинотеката, ќе биде прикажан филмот „Медена земја“ во режија на Тамара Котевска и Љубомир Стефанов. Преку видеоприлог, Миљенко Јерговиќ ќе зборува за филмот по проекцијата.

За делата на гостите ќе зборуваат: Александар Прокопиев (уметнички директор), Ермис Лафазановски (претседател на Одборот за доделување на наградата „Прозарт“) и Владимир Јанковски.

Интернационалниот литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“ е во организација на издавачката куќа „Прозарт“ а поддржан е од: Министерството за култура, ТРАДУКИ, Институтот „Јунус Емре“ од Скопје, Делегацијата на ЕУ, Град Скопје, амбасадата на Босна и Херцеговина и Кинотеката.

Би можело да ве интересира

„Медена земја“ и видеообраќање на Јерговиќ во рамки на „ПРО-ЗА Балкан“

Ана Ололовска

Завршува осмото издание на фестивалот „ПРО-ЗА Балкан“

Ана Ололовска

Почна 8-то издание на „ПРО-ЗА Балкан“ во Куршумли ан

Ана Ололовска

Интернационален литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“ од 14 до 17 септември

Ана Ололовска

Тркалезна маса во рамки на 6. ПРО-ЗА Балкан“

Ана Ололовска

Писателот Браги Олафсон, басист на Бјорк, гостин на „Про-за Балкан“

Наум Локоски