Јубилејно 20. издание на ОФФест од 9 до 13 ноември

Од:

Од 9 до 13 ноември во Скопје ќе се одржи дваесеттото издание на ОФФест. Како што најавија од Скопскиот џез фестивал, планираната програма е свежа, разнобојна и возбудлива, една од најинтересните во скорешната историја на фестивалот.

-Сеќавањата на делото на големата португалска пејачка легенда Амалиа Родригез ќе бидат оживеани со настапот на извонредното дуо „Лина и Раул Рефри“, кое испорачува модерно и надградено фадо, музика што ги надминува географските одредници, како и со проекцијата на документарниот филм „The Art of Amalia”, посветен на култната кралица на фадото, соопштија од Скопскиот џез фестивал.

Посочуваат дека мистичниот минимализам, имагинарниот фолк и нескротливата музичка фантазија и вештина на триото „Широм“ од Словенија, во комбинација со апокалиптичната самба на извонредниот гитарист/композитор и воедно еден од најзначајните експоненти на современата бразилска музика Кико Динучи и неговата специјална гостинка Јусара Марсал ветуваат исклучително концертно доживување од највисок ранг.

Исто така, величествената моќ на еден од најинвентивните и најоригиналните африкански автори Блик Баси – Камерун/Франција, одлично се вклопува во неодоливиот шарм, визија и поезија на „Пијан славеј“ од Македонија, новиот проект на Бранислав Николов, фронтменот на Фолтин.

– Словенечкото инструментално трио ŠIROM се враќа со својот „имагинарен фолк“, со калеидоскопскиот трет албум, „A Universe that Roasts Blossoms for a Horse“ и со нова серија концерти низ светот. Испреплетувањето на различни музички пристапи и инструменти, истории на звуци и нескротлива музичка фантазија и вештина е широкиот водечки принцип на триото Širom, чии членови потекнуваат од различни региони на Словенија. Повеќе од дузина инструменти, рачно изработени но и светски познати, може да се најдат на репертоарот на Изток Корен, Само Кутин и Ана Кравања и најмалку уште толку музички форми што можат да се доживеат како инспирација зад ликот на овој нов ансамбл, соопштија од Скопскиот џез фестивал.

Кико Динучи е бразилски гитарист и композитор од Сао Паоло. Тој е еден од основачите на групите Metá Metá и Passo Torto. Има соработувано со Елза Соарес, Том Зе, Криоло и други. Динучи во себе ги носи влијанијата на легендите на бразилската песна и акустичната гитара како Доривал Каими, Баден Пауел, Жоао Боско или Жилберто Жил. „Извонреден од почеток до крај“ (Џајлс Питерсон), албумот „Rastilho“ го зацврстува Кико Динучи како еден од најзначајните експоненти на современата бразилска музика. На 20. ОФФест ќе настапи заедно со специјалната гостинка Јусара Марсал.

Пијан славеј или Бранислав Николов е реномиран музички уметник, изведувач, автор, поет, пејач и фронтмен на групата Фолтин. Како еден од основачите и клучни членови во бендот, зад себе има девет студиски изданија, како и музика за преку триесет театарски претстави и неколку документарни и играни филмови, меѓу кои, кандидатот за Оскар „Медена Земја“, интернационално наградуваните „Исцелител“, „Avec L’Amour (со љубов)“, „Cash & Marry“ и други. Пијан славеј е неговиот прв музички и поетски соло излет.

Би можело да ве интересира

Завршува „ОФФест“ со настапите на Пијан Славеј и Блик Баси

Ана Ололовска

Почнува јубилејното 20-то издание на „ОФФест“

Ана Ололовска

Култура одговара на прозивките за одложениот „OFFest“: Навреме го доставивме договорот, не сме ние криви

Жарко Настоски

Јубилејниот 20-ти „OFFest“ одложен за ноември, организаторот го обвини Министерството за култура

Жарко Настоски

Македонска вечер на ОФФест со Добрила & Дориан Дуо и Баклава

Ана Ололовска

Каталонката Силвија Перез Круз вечер го отвора 19. OFFest

Ана Ололовска