Изминатата 2020-та предизвик за културата – виртуелни настапи и концерти, напори за заштита на културното наследство

Од:

Годината што остана зад нас беше поинаква за сите, но со посебно горчлив вкус ќе ја паметат културните работници и уметници кои поради пандемијата се збогуваа со сценските настапи. Голем дел од нив останаа без придонеси, па Владата обезбеди посебен пакет за помош на културата и културните работници. Речиси сите културни установи ги затворија вратите на посетителите, но продолжија со работата онлајн, за граѓаните барем виртуелно да уживаат во театарските претстави, разни манифестации, изложби, концерти.., Исто така, посебен фокус во 2020 година беше ставен и на заштита на културното наследство во опасност.

Поради светската пандемија предизвикана од вирусот Ковид-19, која од месец март ги затвори луѓето во своите домови и се воведоа забрани за јавни собири, културните институции беа принудени да стават клуч на вратите. Своите репортоари продолжија да ги прикажуваат на интернет канали, како еден обид да не згасне културата и преку разни манифестации и песни да им се олесни на граѓаните во најтешките мигови.

Културата допре до публиката и за време на вонредна состојба. Голем дел од институциите, како што е Македонски народен театар, Театарот Комедија, Археолошкиот музеј, Националната галерија, многу други галерии и уметнички простории низ државата објавуваа содржини преку онлајн платформите на Јутјуб и на Фејсбук.

Националната галерија на љубителите на уметноста им овозможи на интернет да ја видат јубилејната изложба по повод 70 години постоење на институцијата. Археолошкиот музеј објавуваше едукативни видеа со аудионарација и знаковен јазик.

НУ Музеј на македонската борба за самостојност ја продолжи својата комуникација со посетителите преку интернет локацијата www.mmb.org.mk како и преку каналите на социјалните мрежи Фејсбук и „Google business“.

Уметниците кои живеат од сценските настапи во 2020 година беа принудени да ги откажат настапите. Од Министерството за култура за МИА информираат дека во два наврати објавија повици за финансиска поддршка на уметниците и на културните работници.

Како што посочуваат, едниот се однесуваше на поддршка во висина од 6000 денари за купување на македонски производи, а другиот многу пообемен, на кој беа поддржани 131 уметници и културни работници, кои согласно остварениот доход во првите осум месеци во годината, и исполнувањето на другите услови пропишани во конкурсот, ќе добијат трикратно по 14.500, 18.000, односно 21.500 денари. Претходно, Министерството даде поддршка во висина од две месечни исплати од 14.500 денари, на самостојните уметници, кои имаат исплати за пензиско и здравстено осигурување од страна на Министерството. Во пакет-мерките на Владата за помош во ковид кризата се и филмските работници, чија поддршка се менаџира преку Агенцијата за филм.

Минатата година ќе се памети и по обидите за заштита на културното наследство во опасност.

По речиси три децении, токму во 2020 година надлежната институција, Завод и Музеј – Битола успешно ги почна конзерваторско реставраторските интервенции на црквата „Свети Ѓорги“ во Курбиново.

Ова непроценливо културно богатство е ставено во културно наследство во опасност, со што се обезбедува поефикасна стручна, домашна и странска екпертска заштита и поефикасно буџетирање на процесите на заштита и на конзервација.

Црквата „Свети Ѓорги“ во Курбиново, во овој период е ставена на прелиминарната листа на УНЕСКО, а заедно со УНЕСКО беше одбележана и педесетгодишнината од смртта на Параскеви Кирјази – единствената жена учесничка на Конгресот во Битола, во 1908 година, на кој е кодифицирана албанската азбука.

Оваа година заедно со УНЕСКО ќе се чествува и 100-годишнината од академикот, лингвистот и поетот, Блаже Конески.

Исто така, во изминатиов период беше реализирана иницијативата, културата да стане дел од официјалната агенда на Европската Унија за Западен Балкан, на Министерскиот состанок на платформите на Западен Балкан.

– Овој регион во кој припаѓа македонската култура, во наредниот период ќе изготви заедничка платформа за културни политики која би вклучувала и заедничка база на податоци, што во голема мера ќе ги олесни процесите на развој во културата, потенцираат од Министерството за МИА.

Инаку, во тек е и Јавен конкурс за Програмата „Креативна Европа“, а како врвни приоритети за следната година остануваат заштитата на културното наследство, поддршката на идеите и креативноста кај младите и ЕУ интеграциите.

– Заштита на црквата во Матејче е приоритет за следната година, но и конзервацијата на Лешочкиот манастир, и санација на Чарши џамијата во Прилеп. Во поглед на остварувањето на приоритетите во заштитата, Курбиново е на врвот. Во моментов, од Завод и Музеј Битола, кои и го водат овој проект, работат на превентивна заштита на црквата за таа безбедно да ја мине зимата и на пролет да продолжат со зацелувањето на нашата драгоценост од Курбиново, велат од Министерството.

Исто така, интензивно се работи и на Законот за остварување на јавниот интерес во културата, кој е во Собрание, се изготвува нов закон за културно наследство, а во тек е изработка на измени и дополнувања на законот за авторско право.

За 2021 година отворена е нова буџетска програма за културно наследство во опасност, за која ќе бидат издвоени 12 милиони денари. Обезбеден е рекорден буџет за заштита на културното наследство, во висина од 105 милиони денари.

Би можело да ве интересира

(ВИДЕО) Муамер Абедин, самоук музичар на повеќе од десет инструменти: Научив да свирам од велешката чалгија во која уживал и турскиот султан

Орце Костов

Костадиновска-Стојчевска објасни: Не финансираме фестивал во Косово, туку наши театри кои ќе учествуваат

А1он

Детска интерактивна музичка претстава „Операта на шумските животни“ во НОБ

Предраг Петровиќ

Отворање на изложбата „Носиме уметност“

„Кавалерија рустикана“ од Пјетро Маскањи во НОБ

Во Битола премиера на театарската претстава „Вујко Вања“

Предраг Петровиќ