Изложбата „100 години Требениште“ од март до крајот на август

Од:

Ексклузивната изложба „100 години Требениште“ по повод еден век од истражувањата на овој локалитет кај Охрид, Археолошкиот музеј на Македонија ќе ја отвори на почетокот на март и ќе трае до крајот на август. Ќе бидат претставени златните маски од 6 век п.н.е. најдени во некрополата кај охридско Требениште, а за оваа пригода ќе бидат донесени и артефактите што ги поседуваат музеите од Србија и Бугарија.

Ќе бидат прикажани над 400 артефакти од бронза, сребро, злато, керамика, килибар и стакло. По претставувањето во Скопје, ќе гостува и во Софија и Белград, а потоа и во Европа. Интерес за изложбата има во Париз, Берлин, Виена и Загреб.

Изложбата е заеднички проект на Археолошкиот музеј на Македонија, Народен музеј од Белград, Националниот археолошки институт и Музеј од Софија и Завод и Музеј Охрид. Трите матични археолошки музејски институции од Македонија, Србија и Бугарија со овој проект ќе ја одбележат стогодишнината од откривањето на локалитетот Требениште кај Охрид, со случајниот пронајдок на 20 март 1918 година.

Директорите на музеите денеска на прес-конференција искажаа задоволство што успешно ги завршиле двегодишните интензивни подготовки, среќни се што се тие генерацијата која по сто години има шанса заедно да ги претстави наодите од Требениште, согласувајќи се притоа дека колку и да се проучува овој локалитет, тој останува мит и наместо конечен одговор истажувањата секогаш отвораат нови прашања.

Директорот на Археолошкиот музеј Горан Санев рече дека од случајното откривање на златната маска пред еден век, Требениште станало светски позната мистерија и континуиран предизвик за многу генерации археолози да ја откријат, како што рече, вистинската приказна за непознатата аристократија која живеела покрај Охридското Езеро во 6 век п.н.е. Подвлече дека значењето на проектот е што првпат по сто години за негова промоција се обединуваат трите земји.

-На овој предизвик не одолеа ниту нашата генерација, па така покрај многуте постојни анализи и опсервации на феноменот Требениште од сите аспекти направени досега, се покажа дека сепак имавме можност и привилегија да ја дополниме оваа приказна со нови податоци. Археолошките истражувања на Требениште некогаш поединечно ги водеа археолози од Бугарија, од Србија и од Македонија, а денес особено сме задоволни што археолозите од овие три земји заеднички се вложија во одбележувањето на стогодишнината од откривањето на локалитетот, рече Санев.

Татјана Цветичанин, кустос-советник од Народниот музеј Белград, рече дека заедничкиот проект се должи на склоп на, како што рече, неверојатни околности – стручни, но и политички зашто сите три држави ги поддржале археолозите.

-Направивме вистинска работа – нештата што пред илјада години стоеле на едно место, а потоа се поделени, по сто години повторно се заедно. Тоа ќе биде возбудливо и за публиката, како и за нас, археолозите, бидејќи Требениште е магично место за кое сè уште има е различни теории, рече Цветичанин.

Директорот на Националниот археолошки институт и музеј при Бугарската академија на науки во Софија, Христо Попов, истакна дека нивната генерација имала шанса, но и одговорност зашто, рече, треба да бидеме и достојни за ваква задача и Требениште да го покажаме не во балкански, туку во европски контекст.

-Изложбата е знак на добрина, пријателство и на општи вредности што треба да нè водат напред. Требениште не е само минато, туку и иднина. Има уште многу да се проучува. Подготвувањето на изложбата не е крајна, туку почетна точка зашто изложбата ќе се претстави во Европа, рече Христов.

Автори на изложбата се Перо Арџанлиев од Скопје, Вера Крстиќ од Белград и Крсто Чукалев од Софија. Таа е придружена и со каталог со 408 страници со текстови од 26 автори – музејски работници од трите држави, како и од Чешка и Германија. Содржи детаљни податоци за секој од експонатите, за историјатот на откривањето и истражувањата, географијата и историографските податоци за носителите на требенишката култура и регионот во архајскиот период, како и за типолошко-стилските одлики на наодите.

Би можело да ве интересира

Изложба на академскиот сликар Валентина Поцеска во “Галерија Метаноја“

Отворање на изложба „Кобалт Синергија“ во МКЦ

Горан Наумовски

Отворање на изложбата „Носиме уметност“

Отворање на изложба на скулптури „Зодијак” на Митко Дамјановски

Изложба на Ване Костуранов – „Таен премин кон Месечината“

Архитектонска изложба „Скопје на новата генерација“