Изложба „Паднати ангели“ на канадскиот уметник и графичар Ги Ланжевин

Од:

Во рамки на одбележувањето на деновите на Франкофонијата, во организација на Амбасадата на Канада и Националната галерија на Р.С. Македонија вечер во 19:00 часот ќе биде отворена изложбата со наслов „Паднати ангели“ на канадскиот уметник и графичар Ги Ланжевин.

Изложбата од графики во објектот Чифте амам ќе ја отворат канадската амбасадорка Кетлин Чаба, и директорката на Националната галерија на Р.С. Македонија, Дита Старова Ќерими.

Од опусот на уметникот на македонската публика ќе ѝ бидат претставени повеќе графики од серијалот „Паднати ангели“. Во овие дела, Ланжевин продолжува со истражувањето на некои од дуалитетите кои го карактеризираат нашето доживување на животот – светлоста и темнината, сигурноста и сомнежот, сеќавањето и заборавот, но и контрастот помеѓу јаснотијата и неодреденоста на паметењето.

-Уметникот избрал во оваа серија да им се посвети на две техники – мецотинта, традиционална техника која бара висок степен на мануелна прецизност и вештина, и дигитална фотографија, која се развива со голема брзина во основна техника на 21. век. Поставката е замислена како целина за изложување, така чинејќи ја инсталацијата која на гледачот му нуди предизвик и прилика за размислување. На „паѓачките ангели“ им се одземени крилјата, исто како што им е одземена облеката и идентитетот на лицата. Тие се со човечко потекло, а набљудувачот може да ги толкува на различни начини, се наведува во текстот за изложбата.

Ги Ланжевин (роден на 29 мај 1954 година во Шикутими, Квебек, Канада), дипломирал 1977 на Универзитетот во Троа-Ривиер. Познат е по делата во „црна гравура“ (мецотинта), држи курсеви за магистранти по оваа техника во Канада и други земји (Франција, Белгија, Луксембург, Кина, САД). Еден е од основачите на ателјето „Presse Papier“ и меѓународното Биенале на современа графика во Троа-Ривиер. Учествувал во бројни уметнички проекти како кустос и член на жирито/ уметничкиот совет. Излагал на повеќе од 60 самостојни (40 во Канада, 20 во странство) и преку 150 групни изложби во Канада и 250 меѓународни изложби ширум светот.

Техниката мецотинта е една од најмануелните техники во графичките процеси, бидејќи за изработување на матрицата – металната плоча, од која се пресликува имиџот на хартија, е потребно да се работи по механички пат со помош на „лулашка“ – специјална алатка за „гребење по металниот цртеж“. Оттука, оваа изложба има уште една едукативна компонента и става акцент врз старите техники, кои, речиси, се на работ на исчезнувањето. Во соработка со Факултетот за ликовни уметности, уметникот вчера одржа предавањево одделот за графика во Сули ан.

Би можело да ве интересира

Изложба на академскиот сликар Валентина Поцеска во “Галерија Метаноја“

Отворање на изложба „Кобалт Синергија“ во МКЦ

Горан Наумовски

Отворање на изложбата „Носиме уметност“

Отворање на изложба на скулптури „Зодијак” на Митко Дамјановски

Изложба на Ване Костуранов – „Таен премин кон Месечината“

Архитектонска изложба „Скопје на новата генерација“