Изложба на словенски ракописи од Македонија во НУБ „Св. Климент Охридски“

Од:

Во Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ синоќа беше отворена ексклузивната изложба „Словенски ракописи од Македонија од XIII до XIX век“.

– Денеска пред македонската јавност ги презентираме оригиналните словенски ракописи од 13 до 19 век кои го посочуваат 1000–годишниот континуитет на писмениот и јазичен развој во Македонија како дел од цивилизациските текови низ времињата на Балканот и пошироко во Европа. Овие ракописи се наш своевиден национален културен влог во актуелниот процес на глобализацијата и културното прелевање меѓу народите, тие се симбол на македонскиот културен идентитет, наш најсилен аргумент кој можеме да го понудиме насекаде низ светот, рече министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска во поздравниот говор на отворањето на изложбата.

Таа посочи дека преку изложбата на најрепрезентативните ракописни книги кои се сведоци на илјадагодишната словенска писмена традиција на Македонија, посетителите ќе имаат можност да се запознаат со еден мал дел од словенското книжевно наследство зачувано во Македонија.

– Овие ракописи имаат исклучителна вредност и се потврда на историските процеси низ кои се развивале македонската писменост, култура и цивилизација, нагласи Канческа-Милевска.

Директорот на НУБ „Св. Климент Охридски“, Иван Заров подвлече дека отворањето на изложбата е во рамките на јубилејното чествување на 70-годишнината од основањето на библиотеката „Св. Климент Охридски“.

– Денешнава изложба е причина за двојна радост и гордост. Најнапред заради повторното патување кон изворите на сопствената духовност, но и поради одбележувањето на седумдесетгодишниот јубилеј од основањето на Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски”. Оваа импозантна институција, која е вградена во темелите на македонската државност и е етаблирана во сите сегменти на културниот живот на нашата држава, е многу повеќе од библиотека, таа е стожер кој ја сублимира колективната меморија на македонскиот народ и неговата духовна култура, истакна директорот Заров.

Честитајќи го големиот јубилеј, министерката за култура Канческа-Милевска истакна дека по гостувањето на изложбата во Кралскиот музеј Мариемон во Белгија и скорашното претставување во Ватиканските музеи во рамките на традиционалната манифестација „Македонија во чест на Св. Кирил“ и 20-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу Македонија и Светата Столица, изложбата првпат е претставена пред македонската јавност.

– Отворањето на изложбата во НУБ „Св. Климент Охридски“ претставува исклучително значаен настан за македонската култура. Со него го одбележуваме опстојувањето на институцијата која веќе 70 години се грижи за културно-образовниот и научниот растеж на македонската држава. Универзитетската библиотека е трезорот во кој се чува нашето национално богатство, над 3.000 библиотечни единици во кои спаѓаат и вредните примероци од светската литература, како и дела од арапска, отоманска и персиска провиненција кои ја сочинуваат ретката ориентална збирка што ја поседува институцијата, рече Канческа-Милевска.

Република Македонија поседува голем број ракописи од Охридската книжевна школа кои се чуваат во трезорите на академските и на културните институции во државава, а повеќето од нив се дел и од археографската збирка на Националната и универзитетска библиотека „Свети Климент Охридски“ во Скопје.

Би можело да ве интересира

„Недостиг“, нов роман од Симеон Јанков

„Лиминални простори-лиминални тела“ – проекција на краток филм и изведба на танцов перформанс во Охрид

Доаѓа документарен филм за Елтон Џон: „Приказната што досега не била раскажана“

Предраг Петровиќ

Изложба на дела во Неготино од ликовни уметници од Здружението „Роднокрајци“

Промовиран преводот на македонски јазик на црковнословенскиот „Часослов“ од Јаков од Камена Река

Изложба на Стефан Анчевски насловена „„преВРЗИНО“