Изложба „Космички бумеранг” на Зоран Арсовски-Бабата во Истанбул

Од:

Во Културно-информативниот центар на Република Северна Македонија во Истанбул денеска ќе биде отворена изложбата „Космички бумеранг” на академскиот ликовен уметник Зоран Арсовски-Бабата, на која ќе бидат претставени 20-ина дела од најновата продукција на авторот.

Континуитетот во разработка на оригинални идеи ќе биде одржан и овојпат, така што уметникот ќе прикаже нова техника на изработка со композитен материјал на сликарско платно – епокс смола во комбинација со силикати и бои. Арсовски е меѓу првите уметници во регионот кој го развива и употребува овој материјал за изработка на ликовно дело на платно што, според рецензијата, се должи на неговата висока стручност и знаење и на повеќегодишното искуство во користењето на ликовните материјали и техники.

Според Роберт Цветковски, историчар на уметноста, самата идеја е презентирање на визијата на Арсовски за космичките пејзажи и перманентни движења на космичката маса како процес кој во окото на гледачот може да предизвика повеќе асоцијации и дека сето тоа е изведено со живи и силни бои, создавајќи чувство на огромна енергија и движење, зајакнато со блесокот од рефлексот на употребениот материјал.

Зоран Арсовски-Бабата (Куманово, 1980) дипломирал во 2005 и магистрирал во 2007 година на Националната ликовна академија во Софија, на насоката сликарство. Член е на Друштвото на ликовните уметници на Македонија (ДЛУМ) и досега има реализирано 13 самостојни изложби и учество на повеќе групни меѓународни ликовни колонии, изложби, проекти и симпозиуми во земјава и во странство.

Работи во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово како стручен соработник за визуелни уметности, дизајн и архитектура. Работи штафелајско сликарство и изработува фрескоживописи, икони, сценографии, илустрации и дизајн.

Би можело да ве интересира

Отворање на изложбата „Денис Боувен“ во МКЦ по повод Светскиот ден на уметноста

Предраг Петровиќ

Во Музеј галерија Кавадарци изложба на дела од ликовниот уметник Новица Трајковски

Во Струмица изложба „10 до 12“ на Костадин Батев

Се отвора изложбата „Координати на еден сон: 60 години проектирање современост МСУ СКОПЈЕ 1964 – 2024“

Во Кавадарци отворена изложбата на скулптури „За послушноста”

Изложба на академскиот сликар Валентина Поцеска во “Галерија Метаноја“