Излезе од печат „Традиционалната музичка култура на Албанците од Долни Полог“ од Беким Рамадани

Од:

„Традиционалната музичка култура на Албанците од Долни Полог“ е насловот на книгата од Беким Рамадани, која излезе од печат деновиве. Делото содржи стручни и научни сознанија од областа на етномузичката традиција на Албанците од Тетовско и дава значаен придонес во афирмирањето на албанското музичко и фолклорно наследство од Долнополошкиот регион.

Рецензентот на книгата, проф. д-р Родна Величковска, истакнува дека „преку овој проект кој е прв и единствен примерок од ваков тип во проблематиката на етномузикологијата, освен афирмацијата на традиционалната музичка култура и подигањето на свеста кај јавноста за извонредното културно богатство на Албанците од Тетово и околината, се мотивираат и студенти, љубители на музичкиот фолклор, како и други културни работници за слични истражувања и во другите краеви од државата…“

Според авторот, реализацијата на овој научен потфат траел неколку години и е колективна работа, во чија подготовка имал поддршка од повеќе луѓе, особено од добри познавачи на фолклорот и на состојбите поврзани со музичките текови, од кои дел биле вклучени во обезбедувањето конкретни материјали: книги, аудиоснимки, видеоматеријали, интересни факти и други податоци.

На 482 страници во книгата се содржани: 114 фусноти, 114 мелограми, 257 библиографски единици, многу графикони, табеларни прикази на мелопоетската анализа на песните (метрика на стихот, содржинска структура на стихот, мелодиски движења на мелострофата, тонска низа на мелодија во целата мелострофа, амбитус на мелодиското движење, каденци на мелостиховите, метроритмичка структура на мелодијата), потоа регистри на песни, на сниматели, на информатори, слики, карти итн.

Беким Рамадани дипломирал на Факултетот за музичка уметност на Тетовскиот државен универзитет магистрирал на Факултетот по музика на Универзитетот за уметности во Тирана, а докторските студии ги завршил на Институтот за фолклор „Марко Цепенков“ (УКИМ) во Скопје.

Работел како професор во гимназијата „Зеф Љуш Марку“ во Скопје, предавал на Универзитетот „ААБ“ во Приштина, а денес работи во тетовската гимназија „Кирил Пејчиновиќ“. Ангажиран е и на Факултетот за музика на Државниот универзитет во Тетово како надворешен предавач.

Беким Рамадани активно се занимава и со теоретските проблеми од уметноста и со културолошките феномени, а негови анализи, согледувања, студии и критики се објавени во весници, научни списанија, а како истражувач има учествувано на многубројни тркалезни маси, симпозиуми и конференции. Се занимава со мелографија и компјутерска нотографија.

Има објавено повеќе книги меѓу кои „Одбрани хорски песни“, „Ништо од калта на зборовите“, „Од песна до песна“, „Зборови без песна“, а автор е и преводите на албански јазик на делата „Методика на музичката настава“ од Павел Ројко, „За музички убавото“ од Едвард Ханслик и „Етномузикологија“ од Фриц Бозе.

Би можело да ве интересира

Работниците контра министерката за култура: Зголемувањето на платите е два, а не 12 отсто

Орце Костов

Почина актерот Мустафа Јашар

Квинтетот на Симон Трпчески и оркестарот „Ајга“ со два концерти во Скопје

(ВИДЕО) Муамер Абедин, самоук музичар на повеќе од десет инструменти: Научив да свирам од велешката чалгија во која уживал и турскиот султан

Орце Костов

Костадиновска-Стојчевска објасни: Не финансираме фестивал во Косово, туку наши театри кои ќе учествуваат

А1он

Детска интерактивна музичка претстава „Операта на шумските животни“ во НОБ

Предраг Петровиќ