Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ годинава, на 34-то издание од 14-ти до 20 септември во Битола, ќе понуди 74 наслови од светската и од македонската кинематографија, под мотото „Пушти ја светлината“.
Во главната селекција се 12 филмски остварувања во трка за трите „Камера 300“, наградувани филмови и прикажани на најновите изданија во Берлин, Кан, Карлови Вари и од ланската Венеција.
Специјална гостинка на 34-тото издание е француската актерка Изабел Ипер, која ќе ја добие и наградата за посебен придонес во светската кинематографија.
Ова денеска на прес-конференција го соопшти директорката на фестивалот Лабина Митеска која рече дека во чест на Ипер ќе биде претставен филмот „Home“. Ипер пристигнува на 19. септември, а ќе остане во Битола до 21. септември.
– Ипер е добитничка на 57 филмски и други награди. На затворањето на фестивалот го имаме и директорот на фотографија Арнеш Годар. Ќе имаме најдобра година на фестивалот, рече Митевска.
Александра Бубевска