Исмаил Кадаре ја доби наградата „Прозарт“ 2020 на фестивалот „ПРО-ЗА Балкан“

Од:

Наградата „Прозарт“, која Интернационалниот литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“ му ја доделува на истакнат автор за придонес во развојот на книжевноста на Балканот, во 2020 година му припадна на големиот албански писател Исмаил Кадаре за неговиот импозантен повеќедецениски романсиерски и есеистички опус, кој е највисоко оценет и од европската и светската критика.

Поради неможноста фестивалот да се одржи во вообичаениот термин на крајот на мај, лауреатот ја доби наградата, која се состои од статуетка и паричен дел, во неговиот дом во Париз. Организаторите најавуваат дека осмото издание на фестивалот ќе се одржи наесен.

-Со голема чест му ја доделуваме наградата „Прозарт“ на писателот кој ги одбележа втората половина на минатиот век и почетокот на новиот век со провокативноста и компактноста на неговите книжевни остварувањa, стои во образложението на одборот за доделување на наградата „Прозарт“.

Одборот на наградата, кој го сочинуваат: Ермис Лафазановски, претседател, Александар Прокопиев и Дејан Трајкоски, членови, наведува и дека „непомирлив во однос на чесноста на писателскиот, но и интелектуален став со непресушен имагинативен капацитет, Кадаре постојано низ половина век творештво ги изненадува познавачите на литературата со високо литерарна разработка на теми во кои содејствуваат локалното и универзалното“.

Тој е автор на наслови кои се познати и во светот, меѓу кои „Генералот на мртвата војска“, „Тврдина“, „Трострелниот мост“, „Пирамида“, „Наследникот“… Тие се тематски различни и во однос на времето и просторот кои се обработуваат, но многу сродни во однос на етичките и стилски суштествени одлики на писмото на Кадаре.

Организаторите на фестивалот „ПРО-ЗА Балкан“ соопштија и за благодарноста на Кадаре за признанието фестивал „ПРО-ЗА Балкан“

– Се натажив што нема да можам да ја прифатам поканата на фестивалот за лично да ја примам наградата која љубезно ми ја доделивте, но поради моменталната пандемија, се надевам дека ова писмо на благодарност од далечина е доволно, истакнал Кадаре.

Познатиот албански писател во обраќањето нагласува дека му е особено важно дека наградата „Прозарт“ ја велича литература од Балканот и е почестен што влегол, како што вели, во друштво на досегашните лауреати на ова признание.

-Читателите на моите дела може првично ме сметаат за албански писател, и тоа е прилично разумно. Тие можеби ме сметаат и за автор кој истражува извесни настани во историјата кои не се важни само за балканскиот регион – Шекспир, грчката трагедија, Втората светска војна, аферата Пастернак. Можеби, сепак, само читателите на Балканот се тие што можат најдобро да проценат како моите дела комуницираат со прашања за регионалниот идентитет – историја, топографија и сл. Можеби, исто така, еден албански читател или кинески читател би почувствувал одредена врска со мојот роман „Концертот“ – кој го истражува, меѓу другото, ненадејното заладување на кинеско-албанските односи – нешто што австралиски или аргентински читател не може да го почувствува така, а истовремено тој албански и кинески читател можеби нема да го паметат периодот во кој се случиле настаните или дури и не биле родени во тоа време. Го кажувам сево ова за да нагласам дека наградата што ја слави литературата на Балканот е особено добредојдено признание од истакнати литературни творци и горд сум што можам да дадам придонес, истакна Кадаре.

Додава дека литературата на Балканот е глобална литература затоа што, вели, „толку многу балкански автори, вклучувајќи ме и мене, се читаат од превод“.

-Уште повеќе, нашите регионални прашања се глобални прашања – каде, на пример, завршува Европа? Не станува збор за прашање на кое литературата – од Балканот или која било друга – може да одговори дефинитивно, но е прашање на кое литературата и историјата се покажале фасцинантни, наведува познатиот писател.

Интернационалниот литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“ и годинава ќе се реализира со помош на Делегацијата на ЕУ во Скопје, Министерството за култура, Град Скопје и Институтот „Јунус Емре“ од Скопје.

Би можело да ве интересира

Промоција на монографијата „Чашуле: Приказнувачот“ на Ана Стојаноска на фестивалот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп

Ана Ололовска

Работилница за книжевен превод „Без фусноти“

Ана Ололовска

Промоција на книга на Оливера Доцевска во Белград

Ана Ололовска

Промоција на романот „Полиглот“ од Игор Станојоски

Ана Ололовска

Избор од поетското творештво на Иван Антоновски објавен во Србија

Ана Ололовска

Промоција на книга од Дијана Петрова во Градската библиотека

Ана Ололовска