Играниот филм „Летечкиот циркус“ премиерно на фестивал во Талин

Од:

Долгометражниот игран филм „Летечкиот циркус“ на косовскиот режисер Фатос Бериша, кој е поддржан и од нашата Агенција за филм и за кој постпродукција беше во земјава, светска премиера ќе има во официјалната програма на Филмскиот фестивал „Црни ноќи“ во Талин.

Филмот раскажува за четворица косовски актери кои илегално патуваат преку границите на Балканот во време на војна. Целта им е да учествуваат на театарски фестивал во Албанија со претставата „Летечкиот циркус“, инспирирана од истоимената британска надреална комедија на групата комичари „Монти Пајтон“, откако дознаваат дека „пајтоновецот“ Мајкл Палин ќе биде во тоа време во Албанија…

Како што соопшти нашата продукција „Црна мачка“, која учествува во копродукцискиот проект, режисерот и сценарист на филмот Бериша е познат по мегапопуларната ТВ-серија во Косово „Модерна фамилија“ и по филмот „Крвен притисок“. Тој е еден од основачите на театарската група „Урбан театар-Приштина“, а неодамна е назначен за уметнички директор на Народниот театар на Косово. Од 2011 до 2013 година Фатос Бериша беше директор на Косовскиот кинематографски центар.

Директор на фотографија на „Летечкиот циркус“ е Алмир Џиколи, монтажата е на Владимир Павловски, сценограф е Арбен Шала, автор на музиката е Огњен Анастасовски, снимател на звук Игор Поповски, а костимите се изработени од Десантила Лика.

„Летечкиот циркус“ е копродукција меѓу „Б2 Филмс“ од Косово, продукцијата „Црна мачка“ (со продуцентите Кристијан Буровски и Томи Салковски) и „Иконе студио“ од Косово.

Филмскиот фестивал „Црни ноќи“ во Талин од 2014 година е акредитиран од Меѓународната федерацијата на асоцијации на филмски продуценти за интернационална натпреварувачка програма, со што стекна статус на фестивал од А-категорија.

Би можело да ве интересира

Venom 3 доби официјално име и датум на излегување

Предраг Петровиќ

Се снима краткиот игран филм „И покрај сè“

Филмот „Dune: The Second Part“ заработи над 200 милиони долари за само три дена

Уапсен маж осомничен за неовластена дистрибуција на филмот „Недела“

Бен Афлек го откри најлошиот филм во кариерата

Скорсезе снима нов филм за Исус кој нема да трае три часа: Се обидувам да ја доближам религијата до луѓето