Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ годинава, на 34-то издание од 14-ти до 20 септември во Битола, ќе понуди 74 наслови од светската и од македонската кинематографија, под мотото „Пушти ја светлината“.
– Дефинитиво имаме еден од најсериозните и најинтересните фестивали. Во програмата се најголем дел од филмските бисери на светската кинематографија и како никогаш досега сме тотално полни – од 10.30 до 2.00 часот ќе има постојано случувања. На битолчани ќе им дадеме седум дена нордиска светлина, рече директорката на ИФФК Лабина Митевска на прес-конференција на која беше соопштена програмата.
Во главната селекција се 12 филмски остварувања во трка за трите „Камера 300“, наградувани филмови и прикажани на најновите изданија во Берлин, Кан, Карлови Вари и од ланската Венеција.
Селекторот на официјалната програма Благоја Куновски-Доре рече дека и годинава фестивалот се труди да го задржи реномето и компетитивната програма е комбинација на разновидни жанрови, филмови на различни генерации автори, познати имиња, но и откривање нови. Специфика е што четири филма или една третина од главната програма се црно-бели.
Фестивалот и годинава ќе биде отворен со премиера на македонски филм – „Соба со пијано“ на Игор Иванов-Изи, кој е во главната програма и, поради големиот интерес, ќе има и втора проекција вечерта на отворањето, од 23 часот. За затворањето на 34. ИФФК на 20 септември е француско-белгиската копродукција „Танго Либре“. Светска премиера во оваа програма токму во Битола ќе има израелскиот „Слатки“ на кинематограферот Фред Келеман.
Во програмата „Нови визии“ во селекција на Сунчица Уневска се шест филма, од кои само еден европски (словенечкиот „Адрија блуз“ на режисерот Мирослав Мандиќ), четири се дебитантски, а два филма во програмата се на жени-директори на фотографија. За документарната програма селекторката Евгенија Теодосиевска избра осум филма, меѓу кои е и премиерата на македонскиот документарец „Барајќи ја среќата“ на Марија Џиџева.
Во програмата кратки филмови се 11 во трка за наградата „Мала камера 300“, а од нив два се македонски премиери „409“ и „Алерик“. Во соработка со Европската филмска академија ќе бидат прикажани 18 кратки филмови.
Акцент на годинашниот фестивал е ставен на македонскиот филм. Во „Македонска панорама“ ќе бидат прикажани шест кратки македонски филма. Кинотека на Македонија на 16 септември ќе промовира ДВД со опусот на браќата Манаки по реставрацијата на целокупното нивно творештво, а ќе прикаже и ретроспектива на филмови од Кирил Ценески. Токму овој македонски режисер е прв добитник на новата награда што од оваа година ќе ја доделува Друштвото на филмски професионалци „Голема ѕвезда на македонскиот филм“. Претседателот на ДПФ Горјан Тозија рече дека таа ќе се разликува од други награди зашто ќе се доделува со причина и по заслуга и, според тоа, можеби не секоја година.
Новата дигитална опрема на Центарот за култура-Битола ветува квалитетни проекции. – Ќе има кристално чиста слика и перфектен звук, а влезниците ќе бидат по популарна цена, рече директорот на Центарот Борче Димитровски.
Покрај проекции, на ИФФК ќе има и придружна програма – работилници, мастер-класови и конференции, меѓу кои како и лани конференција на Европската федерација на кинематографери (ИМАГО) на 19 септември, со 40-ина учесници.
Покровител на фестивалот е претседателот Ѓорге Иванов, а четврта година официјален партнер е телекомуникацискиот оператор ВИП кој ја организира специјалната програма за најмладите. Годинава во неа се пет филма заедно со креативните работилници „Децата во фокусот“.
Добитник на наградата „Златната камера 300“ за животно дело на ИФФК 2013 е шпанскиот кинематографер Хосе Луис Алкаин, познат по соработката со режисерот Педро Алмодовар. Тандемот Алмодовар-Алкаин е еден од најплодните во шпанската и во светската кинематографија.
Специјалната награда „Златна камера 300“ за особен придонес во светската филмска уметност ќе и припадне на водечката француска снимателка Ањес Годар, која во 34-годишната историја на фестивалот е прва кинематограферка што ќе ја добие оваа награда.
Во Битола годинава ќе дојде српската и ексјугословенска актерка Мирјана Карановиќ која ќе учествува на Сценаристичкото катче „Браќа Манаки“ што ќе се одржува на 18-ти и 19 септември. Тоа е понов проект на ИФФК чија цел е да ги потпомогне и обучи филмските автори. Карановиќ ќе го претстави и развие своето сценарио насловено „Добра сопруга“.