И покрај критиките, Жељко Јоксимовиќ ќе настапи на „Охридско лето“

Од:

По бројните негодувања од јавноста откако беше објавена програмата на фестивалот „Охридско лето“, на која се гледа дека е предвиден и концерт на српскиот пејач Жељко Јоксимовиќ, директорката Наташа Поповиќ проговори за „А1он“.

Директорката на фестивалот „Охридско лето“ потврдува дека српскиот пејач ќе одржи концерт во Античкиот театар во Охрид.

„Во врска со синоќешните реакции на социјалните мрежи можам да го коментирам следново: Програмата на „Охридско лето“ ја подготвуваме цела година и истата е работена по високи стандарди кои оваа наша реномирана манифестација ги негува со децении. Обидот некој да ја компромитира нашата работа и да го наруши угледот сметам дека нема да успее, бидејќи дури и во овие вонредни услови кога живееме во пандемија и битка со Ковид-19, почитувајќи ги сите протоколи, обезбедивме програма која ги зачувува високоестетксите критериуми.

Фестивалот Охридско лето во својата долгогодишна традиција со исклучително богатата уметничка вредност на класичната музика и театарот во рамките на својата програма реализира и настани кои се дел од дополнителната програма, ревијални концерти, со што ја збогатува културната содржина секако запазувајќи ги посебните критериуми на квалитет на изведувачите. Токму оваа година кога славиме 60 години од постоењето на Охридско лето како дел од реализацијата на вакви концерти покрај концертите на македонските уметници е и настапот на Жељко Јоксимовиќ, насловен како „Два света“ со синфониски оркестар од Белград, членови на белградската филхармонија кој пред се има за цел за приреди вистинско уживање и за пошироката публика како што практикуваме секоја година и сметам дека ќе биде висококвалитетен. Другите детали за програмата ќе ги соопштам на прес конференција. Ветувам уште едно успешно издание и покрај новонастанатата ситуација“, одговори Поповиќ на прашањето на „А1он“.

На социјалните мрежи минатите денови се споделуваше годинешната програма на „Охридско лето“, од која на граѓаните најмногу внимание им привлече името на Жељко Јоксимовиќ. Тие коментираа дека на српскиот пејач не му е местото во Античкиот театар.

Јоксимовиќ се стекна со голема популарност по неговото учество на Евровизија, кога со песната „Лане моје“ го освои второто место.

Тој пред неколку години го направи музичкиот проект „Два света“ именуван по песната „Два смо света различита“ на Тома Здравковиќ. Во проектот тој заедно со филхармониски оркестар прави препеви на српски евергрин песни. Во 2016 година, неколку такви концерти беа одржани и во Македонскиот народен театар во Скопје.

Овогодинешното јубилејно 60-то издание на Охридско лето ќе започне на 4 август, а концерот на Јоксимовиќ ќе се одржи на 7 август.

Сите настани од „Охридско лето“ ќе се одржат на отворено на сцените на Античкиот театар, Долни Сарај и Предворјето на црквата „Св. Софија“ со половина капацитет од гледалиштата.

Би можело да ве интересира

Поповиќ: Со одобрените 30 милиони денари од Министерството за култура ќе реализираме квалитетна програма

Музичка вечер на „Охридско лето“ со концертот на професионалниот мешан хор „Про Арс“

Вечер на Украина во рамките на „Охридско лето“ со пијанистот Алексеј Ботвинов

Црногорскиот виртуоз на виолина Роман Симовиќ на „Охридско лето“

На „Охридско лето“ пијано рецитал на Френк Дупре и претставата „Ана Каренина“ на Театарот од Нови Сад

Предраг Петровиќ

Полска вечер на „Охридско лето“ со концертот на гудачкото дуо Салвадор