Хрватски филмови за деца во Кинотека

Од:

Филмови за деца од хрватската кинематографија ќе прикажува Кинотеката на Македонија во рамки на програмата „Кино утро“ која ја организира секоја година за време на зимскиот распуст.

Ќе почне вечер од 19 часот со филмот „Брканица по моторот“ во режија на Бранко Мајер од 1959 година, кој ќе биде репризиран утре напладне. Снимен е според хумористичната приказна за деца „Брканица на мотор“ на хрватскиот книжевник Славко Колар, кој сценаристички ја адаптирал за филм. Од 20 часот вечер и во истиот термин утревечер е филмот „Пико“ на Среќко Вејганд, исто така снимен во 1959-та.

В петок напладне ќе биде прикажан „Син галеб“ на Бранко Бауер од 1953 година, а од 19 часот задутревечер на програмата е авантуристичкиот филм „Дружината на Перо Џумката“ во режија на Владимир Тадеј, снимен во 1970 година според истоимениот популарен роман за деца на писателот Мато Ловрак.

„Дружината на Перо Џумката“ ќе биде прикажан и в сабота напладне, а вечерта од 19 часот и в понеделник од 12 часот на програмата е филмот „Волк самотник“ на режисерот Обрад Глушчевиќ од 1972 година. „Волк самотник“ е дебитантски филм на тогаш детето-натуршчик Славко Штимац, кој подоцна стана актерска легенда на југословенска кинематографија.

На 15 јануари (вторник) напладне ќе биде прикажан „Капетан Микула Мали“, исто така на режисерот Глушчевиќ, снимен во 1974 година, а на 16 јануари од 12 часот е научнофантастичната драма „Тајната на стариот таван“ на режисерот Владимир Тадеј од 1984-та, со кој ќе заврши филмската програма во Кинотека.

Оттаму наведуваат дека со организирањето на филмското производство по Втората светска војна, детскиот филм во хрватската кинематографија станал легитимен жанр кој се одликува со континуиран број наслови и понекогаш со исклучително квалитетни филмски дела.

-Од наслови како „Синиот галеб“ (1953) и „Милиони на островот“ (1955) на Бранко Бауер, сè до серија филмови за литературниот јунак Коко „Коко и духовите“ (2011) и „Љубов или смрт“ (2014) на Даниел Кушан, како и „Таинственото момче“ (2013) на Дражен Жарковиќ, хрватските детски филмови се присутни во хрватската кинематографија многу често како екранизација на веќе постоечки книжевни успеси. Но самата застапеност не би била доволна доколку тие не припаѓале на самиот врв на уметнички успешните филмови, за денес да бидат класици на хрватскиот филм и како такви да не биле прифатени од младата публика и критиката, соопшти Кинотеката.

Покрај проекциите, ќе биде отворена и изложба „Детски поглед“ со избор од 21 плакат за 24 долгометражни и краткометражни филмови создадени во периодот од 1953 до 2006 година кои, како што посочува Кинотека, со своите визуелни решенија не само што успешно го промовирале филмот за кои се направени, туку зборуваат и за стилот на времето во кое се создадени. На едно место меѓу многумина непознати автори, може да се најдат и дела на мајстори на стрипот, како Фердинанд Бис, Андрија Мауровиќ, Мирко Илиќ и Радован Домагој Девилиќ.

Би можело да ве интересира

„Мојот последен здив“ – промоција на автобиографијата на Луис Буњуел во Кинотека

Ана Ололовска

„Кино за млади“ во Кинотеката

Недела на италијанската кенематографија во Кинотека

Ана Ололовска

Анимирани и филмови за тинејџери во Кинотеката

Ана Ололовска

Филмска вечер за деца и млади во Кинотеката

Ана Ололовска

Кратки експериментални филмови на петтата сесија на филмска училница во Кинотека

Ана Ололовска