„Гласоечко“ впишано во Листата на УНЕСКО

Од:

Република Македонија успешно го впиша третото културно добро Гласоечкото машко двогласно пеење од Долни Полог, Тетовско, во Листата на УНЕСКО за нематеријално културно наследство на човештвото за ургентна заштита.

Министерката за култура Елизабета Канческа Милевска, на денешната прес конференција, рече дека „Гласоечко“ е трето културно добро кое Република Македонија за многу кратко време го впиша во листата на заштитени добра на УНЕСКО, откако пред две години на Репрезентативната листа на УНЕСКО за нематеријално културно наследство на човештвото го впиша првото културно добро, уникатниот верски обичај од Штипско „Четрсе“, а минатата година и македонското оро „Копачка“.

– Впишувањето на сите овие добра на листите за заштита на УНЕСКО е исклучителен успех за Македонија, бидејќи на овој начин ние повторно ја легитимираме сопствената култура, традиција и идентитет во меѓународни рамки. Со овие културни добра нашата држава трајно се позиционираше на светската мапа на културно наследство на народите, истакна Канческа Милевска.

Директорот на Управата за заштита на културното наследство Виктор Лилчиќ истакна дека минатата среда во Намибија претставниците на 130 земји го слушнаа македонскиот „гласоечки“ стил на пеење со песната „Море кога е беше скудна годината“ на триото „Гавровци“ со што „Гласоечко“ е впишано на ургентната листа за заштита на УНЕСКО меѓу 38 нематеријални добра.

„Гласоечко, машко двогласно пеење од Долни Полог“, е традиционална форма на вокална музика специфична за овој регион. Ова карактеристично полифоно пеење, кое со генерации се пренесува усно, се препознава како симбол на културниот идентитет на македонскиот народ од овој регион кој токму во гласоечките песни ги вградил својата историја, митологија, традиција и култура. Со впишување на оваа листа за време на 10. седница на Меѓувладиниот комитет на Конвенцијата на УНЕСКО за заштита на нематеријалното културно наследство на човештвото одржана од 30 ноември до 5 декември во Намибија, Република Македонија се најде во четирите прифатени и впишани добра со што и перспективно се отвораат можности за финансиска поддршка од УНЕСКО за негова понатамошна заштита и афирмација на домашно и на меѓународно ниво.

Генералниот секретар на националната комисија на УНЕСКО за Македонија Лидија Топузовска, денеска свечено ги додели дипломите од претходно впишаните елементи на Репрезентативната листа на УНЕСКО за нематеријално културно наследство „Четрсе“ и „Копачка“ на министерката и претседател на Националната комисија Елизабета Канческа Милевска.

Министерката, исто така, рече дека Република Мекедонија се приклучила на две мултинационални апликации за прославувањето на 1 март „мартинки“, заедно со Романија, Бугарија и Молдавија, како и обичајот пролетни празнувања „Ѓурѓовден“, заедно со Турција, Србија, Хрвтска, Романија и Молдавија.

Би можело да ве интересира

Костадиновска-Стојчевска: Ги исполнуваме препораките на УНЕСКО и заеднички овозможуваме трајна заштита на Охридскиот регион

Мониторинг-мисијата на УНЕСКО на проценка во Охрид

ВИДЕО: Италијанското оперско пеење доби статус на културно наследство на УНЕСКО

Предраг Петровиќ

Ковачевски во УНЕСКО: Северна Македонија е мултикултурна реткост и придонесува во ефикасен мултилатерализам

Костадиновска Стојчевска: Статусот на УНЕСКО останува, остануваат и препораките за негово зачувување

Влада: Зачуван е престижниот статус на Охридскиот Регион на листата на УНЕСКО