Гардијан со 5 ѕвезди го оцени најновиот компакт диск на Симон Трпчески

Од:

Угледниот британски дневен весник „Гардијан“ со максимални 5 ѕвезди го оцени најновиот компакт диск на нашиот пијанист од светски глас Симон Трпчески, својата препорака илустрирајќи ја со епитетот „диск со арома“.

Како што вели критичарот Стефен Причард, „чудесно талентираниот македонски пијанист Симон Трпчески отвора смело со Брамс… пред блескаво да чита… на тема од Хендел за потоа да го понуди сосема различниот звучен свет на Равел со вртоглав гламур, пред со селекцијата од Пуленк да го донесе овој мајсторски рецитал до елегантно финале. Диск со арома. Го препорачувам.“

Рецензентот на „Гардијан“ ја истакнува и предноста на компакт-дисковите во живо реализирани за етикетата на „Вигмор Хол“ пред сличните рецитални изданија.

На својот најнов компакт диск, пијано виртуозт Трпчески, пред пошироката јавност ја претставува својата изведба во живо на подиумот во лондонската сала „Вигмор“ од 19 јули 2014 година.

Инаку, оркестарскиот распоред веќе во петок го води Трпчески во Хелсинки, а по Финска, до крајот на месецов го очекуваат и концертите низ Шпанија, како солист на турнејата со Филхармонискиот оркестар на Хелсинки и во шведската престолнина, со Кралскиот филхармониски оркестар од Стокхолм.