Галичка свадба по 40-ти пат

Од:

Со китење и истакнување на бајракот и три истрели од пушка вечер од 19:30 часот почнува четириесетото издание на „Галичка свадба“. Годинашните младенци, скопјанката Александра Крстевска (26) и мавровецот Васе Ѓорѓевски (27) во улогата на невеста и зет ќе ја крунисаат деветгодишната врска.

Една од најстарите културно-туристички манифестации во земјава, изобилува со обичаи и ритуали, по кои се препознатливи мијаците. Во двата дена со звукот на зурлите и тапаните на дебарските музичари „Мајовци“ ќе се одиграат изворните ора, како „тешкото“, „невестинско“ „свекрвино“. Меѓу покарактеристичните обичаи кои ќе бидат изведени се и „носењето на невестата на вода“, „канењето на мртвите“, „бричењето на зетот“, „земањето на невестата“, „замесувањето на лебот“.

oro-galicka

Учесниците во поворката, во која поголемиот дел се статисти, на себе носат ракотворени стари носии, изработена во срма.

Официјалниот почеток на свадбата е вечерва кога повеќето обичаи се изведуваат во домот на невестата. За гостите и посетителите вечерта ќе биде организиран и концерт на етно музика на платото пред чешмата Упија.

Во недела во 9 часот свадбарите ќе продолжат со изведување на свадбените ритуали. Манифестацијата се очекува да заврши околу 13 часот со венчавката на зетот и невестата, која ќе ја изведат свештениците од Бигорскиот манастир.

bajrak-galicka

Првата „Галичка Свадба“ е одржана во 1963 година. По две изданија, повторно е обновена во 1973 година. Откако е пуштен во употреба патот Маврово-Галичник, таа се одржува во континуитет.

Одржувањето на манифестацијата е инспирирана од желбата на жителите на Галичник да ги сочуваат од заборав обичаите карактеристични за мијаците. За православниот празник „Петровден“ се случувало и повеќе десетици двојки да се венчаат во ист ден. Според галичани, причината за одржување на толку венчавки во кус период е во доаѓањето на мажите од печалба. Неретко се случувало, мажите да направат свадба и кусо време да напуштат своите сакани.

Покровител на манифестацијата, трета година по ред е претседателот на Република Македонија, Ѓорѓе Иванов и најавено е неговото присуство. Организатор е месната заедница Галичник.

Би можело да ве интересира

Претседателот Пендаровски и сопругата Ѓоргиевска на „Галичка свадба“

Презентација на програма за културната манифестација „Галичка свадба“

Галичка свадба 2022: Спој на традицијата, културното наследство и вистинските партнерства

Галичка свадба викендов, Катерина и Филип – годинашни младенци

Разумот посилен од традицијата, Галичката свадба повторно одложена

Искра Манојлоска

Одложена годинешната „Галичка свадба“, можно е да се одржи на Голема Богородица

Жарко Настоски