„Фрагменти“ на Башески претставена во НУЦК „Марко Цепенков“

Од:

Изминатиот петок, во ликовната галерија на Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп, се одржа јавно претставување на избрани дела од опусот на македонскиот скулптор Жарко Башески насловено „ Фрагменти“.Публиката имаше можност да види нови, но и постари дела на Башески, создавани во различни периоди од неговото творештво.

„Исклучително е чувството да се изложуваат дела во токму тука, во Прилеп, од каде го започнав мојот уметнички пат. Вечерашното претставување е специфичен концепт, збир на нови, но и постари дела кои досега оваа публика немала прилика да ги види. Бројните посетители се најдобар показател за интересот и желбата на домашната публика за уметност и културни настани и надвор од Скопје, на што заеднички треба интензивно да работиме“, изјави Башески.

Изложбата ја отвори историчарот по уметност Викторија Димеска, која посочи дека творештвото на Жарко Башески е претставено преку бројни самостојни и групни изложби низ земјата и во светот.

„Во сопственото творештво авторот обработува теми кои се однесуваат на севкупното постоење, природата на битието, општите и фундаментални својства на есенцијата или суштината на животот и апсурдноста, односно безнадежноста како универзална човекова состојба. Користејќи се со материјали како стаклена волна, силикон, полиестер, акрилик, природни влакна и текстил, конструира минијатури, скулптури со човечки размер и хиперреалистични фигури. Преку веродостојната и експресивна моќност на реалистичната претстава, односно нераскинливата врска меѓу физичкиот стимул и психичката состојба на фигурата, Башески ја ослободува скулптурата од нејзиниот традиционален концепт и нуди интепретација и релација меѓу делото и определениот простор“, истакна Димеска.

Публиката ќе има прилика да ја посети изложбата „Фрагменти“ во Прилеп до крајот на месецот.

Жарко Башески е македонски скулптор, професор на Факултетот за ликовни уметности при УКИМ и дел од Друштвото на ликовни уметници на Македонија. Се вбројува меѓу најдобрите светски хиперреалисти, а дел од неговите дела публиката има можност да ги види изложени во музеи и галерии низ Европа.

Би можело да ве интересира

„Ерос и Танатос“ – самостојна изложба на Весна Ничевска во МКЦ

Ана Ололовска

Дигитален триптих – три дигитални изложби

Ана Ололовска

Изложба на слики „Обоен ветар фу“ на Блашка Миева

Ана Ололовска

Прва самостојна изложба на Марија Ќурчиева

Ана Ололовска

Самостојна изложба на Тамара Забазноска во МКЦ

Ана Ололовска

„Пејзажни фасцинации 20“ на Атанас Атанасоски во Чифте амам

Ана Ололовска