Филозофско предавање на Стефан Новотни на фестивалот КРИК

Од:

Предавање на тема „Едноставно, да се биде човек кој не прави ништо: за прашањето на психомоќта“ ќе одржи вечерва во Чифте Амам, филозофот Стефан Новотни, во рамки на годинашното четврто издание на КРИК – фестивал за критичка култура во организација на Контрапункт.

Новотни на предавањето ќе го допре прашањето кое денес не може повеќе да биде ограничено на предодредените центри на моќ: прашањето кое се однесува на микрологичните операции на моќта на субјективноста или „психе“ или пак, на прашањето како „физичкото“ денес е претворено во главно место на општествена и политичка борба.

-Оваа промена повикува на разгледување на бројни меѓусекторски проблеми, како што се: постојано растечката претпоставка на субјективните капацитети, активни и пасивни, под капиталистичката валоризација, проширувањето на привилегираните сцени на појавување на физичкото, улогата на современите комуникациски технологии во градењето на поврзаност која не е нужно социјална, како и современи реконфигурации на „нормалното“ и на „патолошкото“. Новотни ќе посочи на некои од овие проблематики – без да се изгуби од вид најважното прашање кое Музил го поставува: Која енергија е потребна денес за да „опстои светот“, најавуваат организаторите.

Стефан Новотни е филозоф, кој живее и работи во Лондон. Предава на катедрата за Визуелни култури и е член на Центарот за филозофија и критичка мисла на Универзитетот Голдсмитс, во Лондон. Пред да му се придружи на Универзитетот Голдсмитс, во 2011 година, бил соработник на Центарот за филозофија на правото на Универзитетот во Лувен / Лувен-ла-Нуев (2001–2003) и предавал на универзитетите во Германија (Линбург) и Австрија (Клагенфурт). Тој бил дел од повеќе транснационални проекти и соработки со визуелни како и уметници кои се занимаваат со перформанс. Има објавувано трудови во областа на филозофијата и политиката, бил коуредник на повеќе антологии, а бил и ко-автор на двата тома Instituierende Praxen. Bruchlinien der Institutionskritik (w / G. Raunig, 2008) и Übersetzung: Das Versprechen eines Begriffs (w / B. Buden, 2008).

Четвртото издание на Фестивалот КРИК, годинава со тема „Човек без својства – политики на маргините“, ги спојува различните дискурзивни, уметнички, општествени, активистички и политички практики низ кои критички ги истражува и презентира алатките, размислите и дејствувањата преку кои ќе можат да се создадат новите текстови на културата и уметноста.

Оваа година фестивалот се одвива како процес низ неколку етапи во годината со намера да прерасне во платформа и форум за критичка култура, низ која ќе бидат во постојан разговор и конфронтација сите можни алтернативи на промислување на општеството, политичкото, културата, низ аголот со нормираното, зададеното и воспоставеното.

КРИК – Фестивал за критичка култура се реализира во соработка со: Мутлимедијалниот Институт (MI2), од Загреб, kuda.org од Нови Сад, Berliner Gazette од Берлин, платформата Светот околу нас – критиката во регионот, организирана од партнерските организации kulturpunkt.hr и Kurziv (Хрватска), SEECult (Србија), SCCA – Љубљана (Словенија).

Контрапункт и КРИК – фестивал за критичка култура се поддржани од: Гете-институт Скопје, Министерството за култура, Фондацијата Култура нова од Хрватска и Креативна Европа 2014 – 2020, Град Скопје. Дизајнот на Фестивалот КРИК е на Студио КОМА.

Би можело да ве интересира

Со предавањето на Алфредо Саад Фиљо завршува првиот дел на КРИК – фестивал за критичка кулура

Ана Ололовска

Предавање „Легитимизација на социјализмот: помеѓу коронавирусот, Маркс и Дионис Савопулос“ на Светлана Слапшак

Ана Ололовска

Со предавање на Франко Берарди – Бифо, почнува КРИК 05 – Фестивал за критична култура

Ана Ололовска

Јавна средба за значењето на критиката во современите уметнички практики

Ана Ололовска

Со предавања на гостите од Хрватска и Бугарија завршува првиот дел на КРИК – фестивал за критичка култура

Ана Ололовска

Предавање „Илјада маргини“ на Артан Садику вечерва на КРИК

Ана Ололовска