ФДУ промовираше монографија за Димитар Ќостаров

Од:

Факултетот за драмски уметности (ФДУ) денеска промовираше  монографија за Димитар Ќостаров на авторката Ана Стојаноска,  преработена од нејзиниот научен труд   со кој докторирала на ФДУ во 2007 година.

Книгата „Димитар Ќостаров – реалистичката поетика и естетика на еден режисер“ содржи богат театрографски материјал и илустрации, како и непознати податоци за животот и работата на Ќостаров, од кого почнала професионалната македонска глума. Тој е еден од основачите на Македонскиот народен театар, прв управник и директор на Драмата на МНТ, режисер на првата претстава на македонски јазик во 1945 („Платон Кречет“ од Александар Корнејчук), педагог и едукатор.

Стојаноска го подготвила својот докторски труд по долгогодишни истражувања на творечката биографија на Ќостаров низ архивите во Македонија и во странство. Таа им се заблагодари на сите кои и помогнале во создавањето на книгата, а пред се на самиот Ќостаров (1912-1997).

dimitar_kostarov_monografija_korica

– Благодарам за театарот што ни го оставивте, со кој можеме да се согласуваме или да не се согласуваме. Меѓутоа, имаме база за надградба, рече Стојаноска, која ја создаде првата монографија за Ќостаров во Македонија.

Проф. Јелена Лужина на промоцијата рече дека со Димитар Ќостаров почнува професионалната македонска глума. – Д-р Ана Стојаноска тоа го образлага во оваа темелна, компетентна, аргументирана, научна монографија, беспрекорно направена студија за човек без кого македонскиот театар денеска немаше да биде ваков каков што е,  рече Лужина.

Покрај неа, за монографијата и за делото на Ќостаров зборуваа и актерот Никола Ристановски, деканот на ФДУ Лазар Секуловски, како и доајенката Љупка Џундева, студентка на Ќостаров и актерка во негови претстави.

Џундева на промоцијата настапи со дел од претставата „Без вина виновни“ на Островски во режија на Ќостаров и потоа се присети за начинот на кој нејзиниот професор работел со студентите, неговата посветеност на работата и дисциплината која ја барал и од актерите на театарските проби.

– Бараше на пробите да дојдеме спремни – и физички и психички, да мислиме на ролјата, да ги оставиме сите надворешни работи, да ја сакаме сцената и да бидеме ослободени, да разговараме разбирливо, да не ги голтаме зборовите, особено последните, за да може да не слушне и гледачот во последниот ред, но да не викаме… Многу го сакаше театарот и живееше за него. Прв педагог во театарската школа и прва режија во МНТ. Многу актери поминаа во неговите режии и неговиот систем на Станиславски и многу од тие актери станаа одлични и познати во цела Југославија и надвор од неа, рече Џундева.

Ќостаров во 1937 година завршил двегодишно Актерско студио при Народниот театар во Софија, раководен од  Масалитинов, еден од соработниците на Станиславски. Во периодот 1937-1943 бил актер во театрите во Софија, Пловдив и во Скопје. Бил директор на Драмата на МНТ од 1945 до 1957. Режирал 86 претстави и одиграл 38 улоги (во театарите во Софија, Пловдив, Русе и Скопје) и пет филмски ролји. Значаен и по тоа што го внел реализмот во македонскиот театар и е заслужен за едукација на голем број актери.

Неговата ќерка, Лина Ќостарова-Унковска, која меѓу другите доби примерок од книгата, рече дека објавувањето на монографијата е за неа чувствителен момент. – Да се биде негова ќерка е привилегија. Израснав во театарот и со неговата естетика и етика на живеење, рече Ќостарова-Унковска.

Авторката на монографијата, Ана Стојаноска (1977), е театролог, доцент на Факултетот за драмски уметности по предметите македонска драма и театар, историја на светска драма и театар, компаративна книжевност. Пишува научни студии, раскази, поезија, драми.  Автор е на неколку книги, многу научни текстови и учесник на голем број домашни и меѓународни симпозиуми.

Би можело да ве интересира

Промоција на монографијата „Чашуле: Приказнувачот“ на Ана Стојаноска на фестивалот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп

Ана Ололовска

Работилница за книжевен превод „Без фусноти“

Ана Ололовска

Промоција на книга на Оливера Доцевска во Белград

Ана Ололовска

Промоција на романот „Полиглот“ од Игор Станојоски

Ана Ололовска

Избор од поетското творештво на Иван Антоновски објавен во Србија

Ана Ололовска

Промоција на книга од Дијана Петрова во Градската библиотека

Ана Ололовска