Елена Чемерска ја доби наградата „Денес“ за млад визуелен уметник

Од:

Елена Чемерска ја доби 15-тата награда „Денес“ за визуелен уметник до 35 години, која се состои од двомесечен престој во Њујорк,во студијата на Residency Unlimited (RU) Inc., соопштија организацијата „Факултет за работи што не се учат – ФР~У“ и Центарот за современи уметности – Скопје.

Наградата ги покрива и сите трошоци за престојот на уметницата, како и техничка, кураторска и административна поддршка на кариерата и запознавање мрежа на уметници и куратори, сето тоа со финансиска поддршка на фондацијата „Trust for Mutual Understanding“ од Њујорк.

Чемерска беше една од четирите финалистки за наградата, заедно со Ана Јовановска, Ана Лазаревска и Симона Манчева. На онлајн-изложбата, таа се претстави со делото „Со овие одломки ги потпрев урнатините свои“, кое е просторна инсталација што вклучува масло на платно, звук, светлина, боја, метал.

Неа ја избра интернационално жири кое во образложение за одлуката наведува дека „нејзината пракса, која продолжува и во новото дело, треба да се поддржи и дополнително може да се развива во поинаков контекст од овој“.

Елена Чемерска (1991) е визуелнa уметница и истражувачка од Скопје и е магистер по уметност на AKV St. Joost School of Art and Design во Сертогенбош, Холандија. Авторката се интересира за врската помеѓу сеќавањето и начинот на кој човекот ја создава основата на која ја темели иднината – како се обидуваме да ја разбереме и фиксираме историјата во нејзината слика.

„Денес“ е независна награда организирана во соработка со „Residency Unlimited“ од Њујорк, поддржана е од „The Trust for Mutual Understanding“ од Њујорк и се доделува на секои две години. Годинава е доделена по петнаесетти пат, а именувана е по истакнатата уметничка група „Денес“ која во земјава постоела од 1953 до 1955 година.