Драмски театар ќе добие нов современ објект

Од:

Проектот за изградба на нов објект на местото на сегашниот Драмски театар-Скопје е затворен, ревидиран, избрана е консултантска фирма која ќе работи на физибилити студија која ќе понуди пет модели за јавно приватно партнерство. Очекувам и сум убедена дека оваа изградба ќе оди по моделот јавно приватно партнерство, но и доколку нешто е неостварливо ние го имаме проектот и државата може и според тој проект да го гради театарот на местото на Драмски театар.

Ова денеска го истакна министерката за култура Елизабета Канческа Милевска на прес-конференција на која беше презентиран проектот за изградба на нов објект на местото на сегашниот Драмски театар – Скопје по пат на јавно приватно партнерство. Посочи дека согласно идејното решение и Деталниот урбанистички план планираната висина на објектот Драмски театар е 35 метри, а вкупната нето површина на објектот е 33.543 метри квадратни.

Долниот дел ќе биде наменет за театарот, а горниот дел со површина од 12.710 метри квадратни за деловни објекти на приватниот партнер. Предвиден е паркинг простор за 204 возила.

– На местото на досегашниот објект на МНТ Центар, пак, планирана е изградба на современа зграда во висина од 40 метри која е во фаза на проектирање. Избрано е идејно решение, фирма која го работи проектот и очекуваме за два месеци да биде ревидиран. Консултантската фирма која е избрана ќе работи на таа физибилити студија. Многу работа е завршена, потенцира Канческа Милевска и додаде дека изградбата на нови современи мултифункционални објекти на местото на сегашниот Драмски театар и на Театарот Центар по пат на јавно приватно партнерство е предвидена во Програмата на Владата и Министерството за култура.

Автори на идејното решение за објектот „Драмски театар“ се архитектите Емил Јагени, Елена Икономов, Јасна Милојковиќ и Билјана Стојменовска од студиото „Платформа“ додека идејното решение за „Театарот Центар“ е дело на архитектите Минас Бакалчев и Митко Хаџи Пуља.

Согласно моделот за реализација на овие проекти по пат на јавно приватно партнерство, делот во кој ќе бидат сместени театрите ќе биде во сопственост на државата додека останатиот дел од објектите ќе биде даден на користење или пак во сопственост на приватниот партнер кој ќе се вклучи во реализација на проектите.

Министерката Канческа Милевска рече дека инвеститорот мора да се држи според Деталниот урбанистички план и намената за што треба да биде тој деловен простор.

Укажа дека паралелно со изработката на проектната документација за предвидениот објект кој треба да биде изграден на местото на досегашниот објект на Драмскиот театар-Скопје, Министерството  склучи договор со консултантската фирма „Грант Торнтон“ за изработка на физибилити студија со која ќе се утврди оправданоста, моделите и начинот на реализација на овој проект, преку модел на јавно-приватно партнерство.

– Физибилити студијата ќе содржи најмалку 5 модели-сценарија за реализација на проектот од кои Министерството и Владата ќе го изберат најсоодветниот. По изборот на моделот, консултанската компанија ќе биде задолжена истиот да го преточи во информативен бизнис меморандум, кој ќе биде презентиран пред најмалку 100 странски потенцијални инвеститори. По завршувањето на сите овие постапки Министерството за култура ќе објави тендер за изнаоѓање инвеститор за реализација на проектот, појасни Канческа-Милевска.

Државниот советник во Министерството за култура, Дарко Стефановски објасни неколку од можните модели-сценарија. Првиот модел е преку продажба на земјиштето под услов приватниот партнер да го изгради целиот објект. Делот предвиден за татарот да го користи државата, а горниот дел приватниот партнер. Вториот модел е оперативен лизинг кој подразбира приватниот партнер да го изгради целиот објект, а државата да плаќа годишни ануитети. По целосната исплата објектот да премине во сопственост на државата.

Одговорниот проектант Оливер Петроски од фирмата Монтимпекс Инженеринг-Скопје, кој ги презентираше техничките детали на проектот, рече дека објектот има четири нивоа кои се под земја и над земја – првите три нивоа се во рамки на театарот, а останатите пет нивоа плус поткровје се предвидени на компатибилни намени и се модуларно решени да можат да бидат мултифункционални за потребите на идните корисници.

Би можело да ве интересира

Почина актерот Мустафа Јашар

Светски ден на театарот, бесплатни претстави во Скопје

(ВИДЕО) Српски актер го прекина настапот поради жена која телефонираше: Немам нерви како коњ

Предраг Петровиќ

Во Битола премиера на театарската претстава „Вујко Вања“

Предраг Петровиќ

Премиера на „Петар Пан“ во Струга, средствата од влезниците хуманитарно за Бојан

Ана Ололовска

По повеќе од 30 години прво гостување на македонски театар на сцената на Народниот театар во Албанија

Ана Ололовска