Дигитален триптих – три дигитални изложби

Од:

Љубителите на уметноста ќе може да проследат три дигитални изложби – дигитален триптих во продукција на Македонскиот центар на ИТИ/ПРОДУКЦИЈА.

– Дигиталните изложби се на англиски јазик, за поголема меѓународна видливост и достапност, комуникација со нашите колеги од балканскиот регион, Европа и светот, информираат од Македонскиот центар на ИТИ/ПРОДУКЦИЈА.

Дигиталниот изложбен триптих е дел од годишната програма „Сирота мала богата драма-Успонот и падот на драмата 2020“, трет и последен дел од овој тематски циклус, поддржан од Министерството за култура.

Публиката ќе може да ја погледне безвучна дигитална изложба на Јутуб „Сценографија Скопје“, дигитални фотографии на германскиот театарски фотограф Јан Папелбаум (Шаубуне, Берлин, Германија).

Од Македонскиот центар на ИТИ/ПРОДУКЦИЈА, потсетуваат дека во 2019 година Папелбаум беше во Скопје, како гостин ментор на сценографската работилница „Преведување на визуелната драматургија“, поддржана од Гете институт Скопје. Во слободното време тој бил низ Скопје, откривајќи локации и урбани композиции со сценографски потенцијал и драмска визуелност (перспектива на сценографот за едно поинакво видување на нашиот град).

Втората безвучна дигитална изложба на Јутуб е „Театарски и танцови постери (студенти во акција)“. Се работи за соработка меѓу Центарот и студентите од прва и втора година моден, графички дизајн и ентериер на Факултетот за арт и дизајн, Европски универзитет, Скопје. На тема Светскиот ден на театарот – 27 Март и Меѓународниот ден на танцот – 29 Април, студентите истражуваа и направија свои плакатни видувања/ликовни интерпретации за танцот и театарот, користејќи естетика и композиција на дигитален цртеж и адоб софтвери, конвертирани во ПДФ и ЈПГ формат. Изложбата е своевидна најава на е-книгата во издание на Македонскиот центар на ИТИ/ПРОДУКЦИЈА, која ќе излезе од е-печат во текот на овој месец.

Автори се студентите: Марија Петровска, Алба Стафаи, Меланија Георгиевска, Азра Камбери, Кристина Лалева, Мариго Антов, Стефанија Фидановска, Афра Кахреман, Марко Милетиќ, Артина Домазет, Фазиле Халили. Дигитален куратор е Иванка Апостолова Баскар, визитинг професор по Историја на уметност и дизајн, ФАД/ЕУРМ). Соработник е Гордана Вренцоска (декан, ФАД/ЕУРМ), а монтажата е на Михаило Апостолов.

Третата безвучна дигитална изложба на Јутуб е „Преведување на визуелната драматургија (сценографски елаборати)“. Од Центарот информираат дека како резултат од сценографската работилница под менторство на Јан Папелбаум во 2019 година, учесниците се поделиле на две групи – група „Брехт“ (според драмата „Кавкаски круг со креда“) и група „Ибзен“ (според драмата „Дивата патка“) и еден индивидуалец со елаборат на тема „Шекспир“ (според драмата „Мило за драго“).

– Нивните сценографски елаборати се нивната ликовно-драматуршка визија на темите и драмските тензии во истоимените драми, замислени во алтернативни локации како скејт игралиште, градилиште, горниот кат на ГТЦ, напуштена чекална на Железничката станица, мобилна опера, храната и пиењето во Друштвото на писателите, дивите патки во просцениумот и други визуелни варијации на темите, се вели во соопштението од Македонскиот центар на ИТИ/ПРОДУКЦИЈА.

Би можело да ве интересира

Отворање на изложбата „Денис Боувен“ во МКЦ по повод Светскиот ден на уметноста

Предраг Петровиќ

Во Музеј галерија Кавадарци изложба на дела од ликовниот уметник Новица Трајковски

Во Струмица изложба „10 до 12“ на Костадин Батев

Се отвора изложбата „Координати на еден сон: 60 години проектирање современост МСУ СКОПЈЕ 1964 – 2024“

Во Кавадарци отворена изложбата на скулптури „За послушноста”

Изложба на академскиот сликар Валентина Поцеска во “Галерија Метаноја“