„Девојчето со кибритчиња“ – премиера на Турски театар-Скопје

Од:

Турски театар-Скопје утре напладне премиерно ќе ја изведе Андерсеновата приказна „Девојчето со кибритчиња“. Адаптирана е за деца и младинци и се фокусира на темата за сочувствителноста која е сè поретко присутна во општеството.

Ова е прва режија на младата Емине Халил, која во 2015 година дипломирала актерска игра на турски јазик на Факултетот за драмски уметности во Скопје. Зборувајќи за мотивот да ја постави претставата, таа денеска на прес-конференција рече дека од преокупираноста со самите себеси, луѓето ги запоставуваат животите на другите, а во постојаното трчање низ животот, од него исчезнува и магијата. Идејата ѝ била да ги запознае децата што е емпатија и да научат нешто повеќе за реалниот живот.

– Децата денес се цело време на телефон или таблет и не се занимаваат со надворешниот свет. Сакав да им покажам дека постојат луѓе кои се на улица. Тие се и презаштитени од родителите и немаат допир со реалноста и дека некои деца немаат ништо. Особено во свет во кој има војни и бегалци, тие треба да бидат малку посвесни за емпатијата знаејќи дека некои луѓе немаат сè што ќе посакаат. Пораката е и дека треба да застанеме и да замислиме желба, да се вратиме во периодот на детството кога секогаш сè е возможно, затоа што забораваме на желбата за магија, рече режисерката Халил која во претставата ја игра улогата од насловот.

Во екипата се млади актери, дипломирани на ФДУ на турски јазик во 2015 и во 2019 година, а дел од нив беа вработени во ансамблот на овој театар во ноември минатата година.

Актерката Сара Јусуф рече дека приказната е стара, но се обидуваат да ја интерпретираат на поинаков начин – низ игра и кореографија, притоа нагласувајќи дека поентата во претставата – емпатијата, сè повеќе се заборава – и кај децата, и кај возрасните.

-Затоа, со оваа приказна сакаме да потсетиме дека треба да си помагаме, без разлика кои сме. Ја живееме сите приказната и треба да се потрудиме да ја смениме и таа да заврши среќно, додаде Јусуф.

Во претставата играат и Хакан Даци, Жале Османи, Бурак Рахман, Метин Ибрахим, Озел Асанов, Слаѓана Вујошевиќ и Едис Мусиќ.

Турски театар-Скопје во 2020 одбележува 70 години постоење. В.д. директорката Несрин Таир соопшти дека покрај претставите за кои конкурираат во Годишната програма на Министерството за култура, во јубилејната година ќе имаат и независни копродукциски проекти.

Би можело да ве интересира

Проектот „Патиштата на хероите“ на МНТ доби 395 илјади евра од ЕУ

Ана Ололовска

Монодрамата „Дневникот на лудиот“ вечер на отворено во Театар Куманово

Ана Ололовска

Монодрамата „Прво лице еднина“ вечер во дворот на кумановскиот театар

Ана Ололовска

Театарска претстава „Нови мерки, старо другарство” беше изведена во градскиот парк во Кавадарци

Ана Ололовска

„Нови мерки, старо другарство“, театар вечерва на отворено во Кавадарци

Ана Ололовска

„Илузии“ – прва виртуелна претстава на „Wonderland Theatre“

Ана Ололовска