„Девојчето и градот“ – нова сликовница од Ване Костуранов

Од:

По успешните и наградувани „Ѕвездено дете“ и „Девојче и мече“, објавена е трета сликовница, „Девојчето и градот“, од илустраторот и уметник Ване Костуранов, во издание на „Либи“ од „Арс Ламина – публикации“.

Во новата сликовница на Костуранов се раскажува приказна за девојче кое живее во еден сивкав град, во кој веќе одамна не доаѓаат сонцето, птиците, пеперугите… Еден ден, талкајќи по улиците полни со луѓе, девојчето ќе се загуби и сосема неочекувано ќе се најде пред огромна шума, во која ќе открие работи што ќе ѝ го променат животот.

Авторот вели дека во нашите градови сивата боја доаѓа во безброј нијанси и дека оваа приказна со години ја имал како идеја и почнала да се појавува на неговите слики пред неколку години, а сега ја раскажува и во форма на книга.

‒ Приказната настана во обид да се справам со сивилото на нашето секојдневие, посебно во зимскиот период, кога сите имаме горчливо чувство во устата од загадениот воздух. Од стравот дека оваа зима ќе биде уште подолга од претходната. Од градовите во кои доминираат сите можни нијанси на сивата боја, а зелените површини се метаморфираат во бетон. Од страшното сознание дека изгубивме целосен контакт со природата, а со тоа го изгубивме и контактот со себеси… вели Костуранов.

Неговите две претходни сликовници, „Ѕвездено дете“ и „Девојче и мече“ од 2018 и 2019 година се преведени и на други јазици и наградени. Двете добија награди за најдобро ликовно-графички уредено издание од Македонската асоцијација на издавачи (МАИ) на Саемот на книгата во Скопје. „Ѕвездено дете“ беше објавена во Хрватска, а неодамна излезе „Девојче и мече“ на српски јазик, во издание на белградска „Лагуна“. „Девојче и мече“ влезе во престижната листа The White Ravens 2019 – со што е првата книга на македонски јазик што се нашла меѓу најдобрите детски изданија на овој избор.

Издавачката куќа соопшти дека приказната во новата сликовница „Девојчето и градот“ беше инспирација и за ликовниот и литературен конкурс за деца, чии резултати ќе бидат објавени наскоро. Сликовницата е достапна во книжарниците „Литература.мк“ и онлајн на www.literatura.mk.

Би можело да ве интересира

„Промоција на „Волшебната авантура” и „Одмаздата на богомолката” од Оља Петрушевска -Томева

Ана Ололовска

Книгата „Клуб на обожаватели“ од Горан Трибусон преведена на македонски јазик

Ана Ололовска

Дела од 30 писатели на литературната е-манифестација „Илинден“

Ана Ололовска

Авторката на серијалот „Хари Потер“ издаде нова книга која поради пандемијата ќе биде бесплатна

А1он

Излезе од печат збирката раскази „Скопски дамари“ од Благоја Иванов

Ана Ололовска

„Переводчик” ја објави поезијата на Матеја Матевски

А1он