Денови на македонската култура во Шибеник

Од:

Со бројни активности во изминатите два дена беа одбележани Деновите на македонската култура во Шибеник, во организација на невладината организација Хрватско-македонска тангента.

На отворањето на манифестацијата поздравни говори имаа Ермина Лекај Прљаскај, пратеничка во Хрватскиот сабор, која го застапува и македонското национално малцинство во Хрватска, Назиф Џафери, вршител на должноста во македонската амбасада во Загреб и покровителот на настанот Жељко Буриќ, градоначелник на Градот Шибеник, информира Милена Георгиевска, претставник на Македонците во Хвратска.

Македонската министерка за култура Ирена Стефоска, за оваа прилика, упати поздравно писмо во кое нагласи дека богатството на која било земја е нејзиниот народ, а големината и богатството на еден народ, пак, се состојат во неговиот капацитет да ги збогати и другите народи, односно целата цивилизација.

– Македонската култура, за наша среќа, е еден од нашите најважни извозни продукти, најзначајното нешто со што располагаме, нешто со што можеме да бидеме препознаени и прифатени во светски контекст. Таа наша култура се засновува врз отвореноста кон другите култури, таа е силен генератор на размена на креативна енергија, таа нè прави она што сме и ги проектира насоките за нашата иднина, наведе меѓу другото македонската министерка за култура.

Токму таа креативна енергија, „Хрватско-македонска тангента“ има цел да ја претстави преку содржините на оваа културна манифестација.

-Настанот одразува континуитет на манифестацијата Книжевни средби на Зларин „Од остров на копно (Македонија), кон остров на море (Зларин)“, кој веќе шест години се одржува во мај, со учество на писатели, публицисти и новинари. Зларин стана место каде се развива плодотворна соработка меѓу писателите која вродува со евидентни резултати, како што се преводи на книги, промоции во други земји, гостувања… Годинава поради ситуација со пандемијата, изостана доаѓањето на учесниците од Македонија, Словенија, БиХ, Бугарија, но овие земји беа претставени преку претставници кои живеат и творат во Република Хрватска, рече Сашо Георгиевски пред присутните гости.

Настанот беше одбележан со отворање на изложба „Слика која зборува“ од Оливера Вапска, уметник и педагог, Македонка која живее во Хрватска, која пред јавноста ја покажа својата креативност преку ликовната изложба во уникатна техника „Филигран со срмен конец“.

Вториот ден од Деновите на македонската култура беа во знакот на книжевноста и македонската богата гастрономија. Интересна дискусија на тема „Екранизација на роман“ поведоа гостите од Сплит, Ренато Баретиќ и Анте Томиќ, истакнати хрватски книжевници и новинари, по чији текстови од романи се направени филмови.

Попладневните часови беа резервирани за поетско-музичка средба во која учество земаа покрај домаќините шибенските поети Динко Шкевин, Душка Крниќ, Едита Влахов, Бранка Рупиќ, Младен Трута, поети од Задар, Марија Ивош, Мелика Поповиќ, Слободан Репак, гостите од Сплит, Анте Томиќ и Ренато Баретиќ и секако Мирјана Мајиќ, дводомна поетеса која пишува на македонски и на хрватски јазик, инаку претседателка на македонското културно друштво „Билјана“ од Задар. Во музичкиот дел се претставија Игор Локас и Крешимир Шпања, шибенски кантавтори, кои пред една година одржаа концерт во Скопје.

За богатата трпеза на која беа преставени македонски традиционални јадења направени по оригинални рецепти се погрижија членки на Хрватско-македонската тангента, кои живеат во Шибеник.

Би можело да ве интересира

Работниците контра министерката за култура: Зголемувањето на платите е два, а не 12 отсто

Орце Костов

Почина актерот Мустафа Јашар

Квинтетот на Симон Трпчески и оркестарот „Ајга“ со два концерти во Скопје

(ВИДЕО) Муамер Абедин, самоук музичар на повеќе од десет инструменти: Научив да свирам од велешката чалгија во која уживал и турскиот султан

Орце Костов

Костадиновска-Стојчевска објасни: Не финансираме фестивал во Косово, туку наши театри кои ќе учествуваат

А1он

Детска интерактивна музичка претстава „Операта на шумските животни“ во НОБ

Предраг Петровиќ