„Ден на Џифони“ за промоција на најголемиот филмски фестивал за деца

Од:

По повод првиот филмски едукативен фестивал за деца „Џифони Македонија“, кој ќе се одржува во октомври, денеска ќе биде организиран „Ден на Џифони“ во неколку  установи од културата.

Целта е да се промовира фестивалот кај младата публика и таа да се запознае со концептот на културниот производ Џифони, како и со подготовките на најголемиот филмски фестивал за деца. Најавено е учество на  околу 280 основци и средношколци и активности во Младинскиот културен центар, Факултетот за драмски уметности, Кинотеката на Македонија и на Плоштад „Македонија“.

Од 20-ти до 27 октомври Македонија ќе биде домаќин на Филмскиот фестивал „Џифони“, бренд што Италија го гради 43 години и е високорангиран меѓу нејзините културни производи.  Календарот на настани и детали во организацијата беа утврдени во март на работни средби меѓу повеќе институции во Македонија со делегација на фестивалот, предводена од директорот Клаудио Губитоси.

Тој во таа пригода одлучи брендот Џифони да и го отстапи бесплатно на Македонија, која се планира да биде регионален центар на  фестивалот. Предвидено е во октомври, на првото фестивалско издание, да учествуваат околу 450 деца од Македонија, Италија, Албанија, Србија, Црна Гора, Бугарија, Грција, Косово и од Турција, поделени во две возрасни категории, од 13 до 15 и од 16 до 18 години.

Креативен директор на фестивалот во Македонија е Иво Антов од продукцијата „Наше маало“. Деца од Македонија, студенти од ФДУ, филмски работници и музичари ќе го посетат годинашниот фестивал Џифони во Италија, кој ќе се одржува од 19-ти до 28 јули, и таму ќе ја претстават македонската култура.

Фестивалот Џифони соработува со локални фестивали низ светот, а некои од нив целосно го преземаат брендот и плаќаат за него, како пр. Бразил и Катар. Македонија е меѓу ретките земји кои бесплатно го добиваат брендот. Се инсистира дека Џифони не е само фестивал, па затоа и го смени логото во „Џифони искуство“. Децата гледаат филмови, а потоа дискутираат за темите, следат работилници и поставуваат прашања и коментари до познати актери и режисери.

Учествуваат по педесетина делегации. Покрај професионално жири, за наградите од официјалната програма одлучува и меѓународно жири од 3.000 деца. Нема поделба меѓу возрасни и деца, а мотото на фестивалот е „Засекогаш млад“.

Фестивалот е именуван по малото место Џифони во јужната италијанска покраина Кампанија, каде што е основан пред 43 години од директорот Губитоси. Популарен е, така што покрај 10.000-те жители, цела Италија придонесува за неговото опстојување.

Би можело да ве интересира

Ваучери од 50 евра за наставничките, за родителите срамно е децата да им носат цвеќе

Орце Костов

Инспекторатот ќе забрани невакцинирани деца во градинките кога ќе добие одлука од министерот

Орце Костов

Група деца се затруле со чист алкохол во Белградски клуб: Последиците може да бидат страшни

А1он

Фестивал на современа македонска поп музика – ПОП КУЛТУРА, наскоро и винил издание

Костадиновска-Стојчевска објасни: Не финансираме фестивал во Косово, туку наши театри кои ќе учествуваат

А1он

ВМРО-ДПМНЕ: Со народни пари ќе се финансира фестивал во Косово, додека домашните едвај врзуваат крај со крај

А1он