„Чудесна терапија“ во Драмски театар

Од:

Драмски театар-Скопје в сабота од 20 часот на малата сцена премиерно ќе ја изведе камерната претстава „Чудесна терапија“ по текст на австрискиот автор Даниел Глатауер и во режија на Димче Николовски.

Осумдесетминутната претстава со тројца актери (Соња Стамболџиоска во ликот на психотерапевт и Маја Вељковиќ-Пановска и Предраг Павловски – во улога на брачна двојка) раскажува за многу нарушена комуникација и недоразбирање меѓу маж и жена. Тие одат на брачно советување – терапија која добива чудесни размери.

Режисерот Николовски на прес-конференција денеска рече дека процесот на подготовка бил долг и напорен и е задоволен од крајниот резултат и од соработката со екипата.

-Тоа е претстава за комуникацијата, поточно за недостигот на комуникација меѓу луѓето. Тој проблем е корен на многу војни, вистински војни, а денес тој проблем многу нè допира со напредната технологија и оддалечувањето на луѓето. Претставата се занимава со потребата од чиста и искрена комуникација како предуслов за една среќна врска…, рече Николовски.

Драматургот Александра Бошковска дополни дека претставата се занимава и со психотерапијата т.е. советувањето на паровите – колку е тоа автентично, а колку е само игра и манипулација. Жанровски претставата е блиску до комедија.

-Се занимава со сериозни проблеми, а кога на сериозни проблеми луѓето реагираат вообичаено глупаво, комичниот ефект е неминовен, иако ние не инсистиравме да биде комедија, рече Бошковска.

Авторот на текстот, Даниел Глатауер (1960), е австриски писател и поранешен новинар, најпознат по епистоларниот роман „Виртуелна љубов“. Книжевните дела му се преведени на 40-ина јазици, а некои од нив се адаптирани за театар и за радио и ТВ-драми и надвор од германското јазично подрачје.

Претставата „Чудесна терапија“ во целост е подготвена со средства донирани од приватно лице.

Би можело да ве интересира

Премиера на „Бесачи“ на 24-ти септември во МНТ

Ана Ололовска

Во велешкиот театар вечерва премиера на комедијата „Одам на лов“

Наградата „Ристо Шишков“ за хрватскиот актер Драшко Зидар

Ана Ололовска

Предавање и работилница со унгарската продуцентка Силвија Хушар во Струмица

Ана Ололовска

„Семејни приказни“ на фестивалот „Ристо Шишков“ во Струмица

Ана Ололовска

МНТ ја почнува новата сезона, на 24 септември премиера на „Бесачи“

Ана Ололовска