Центарот за култура Битола, традиционално, и оваа година ќе ги отвори вратите за интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ кој започува в сабота, 14. септември, но овој пат опремен со најсовремена дигитална техника за слика и звук. Имено, непосредно пред фестивалот, киното во Големата сала е опремено со ултра модерен дигитален 3Д кино проектор од водечкиот светски производител на дигитални проектори „Barco“ со можност за проекции во висока 2К резолуција.
Постоечкото платно е заменето со ново, високо рефлективно, со што нивото на квалитетот на сликата ќе ги достигне стандардите на светските кино сали. Додека за потполно нов 5.1 и 7.1 сараунд звук е инсталиран Долби систем CP 650, што значително ќе ги подобри перформансите во поглед на звукот.
Со ова Фестивалот но и градот Битола добива современо кино со кристално чиста слика и перфектен звук. Со тоа се отвора едно ново поглавје во киното во Големата сала при Центарот за култура Битола, кое набрзо после фестивалот ќе започне и со редовни 3Д проекции на најновите филмски остварувања, односно целта е кино репертоар 365 дена во годината во Центарот за култура.