Британската мега популарна виолинистка Ванеса Меј ќе го отвори 59-то „Охридско лето“

Од:

Годинешното 59. издание на фестивалот „Охридско лето“ ќе биде отворено со концерт на светски познатата уметничка, британската виолинистка Ванеса Меј. Таа на Античкиот театар на 12 јули на свеченото отворање на Фестивалот ќе настапи заедно со уметниците од Оркестарот на Македонска филхармонија и вокалните солисти од МОБ, под диригентска управа на бугарскиот диригент Иван Кожухаров.

На денешното претставување на програмата на годинешното фестивалско издание директорот на „Охридско лето“ Нашата Поповиќ истакна дека привршуваат организациско-техничките подготовки за манифестацијата, најавувајќи богата и квалитетна уметничка понуда со врвни уметници.

-Низ 40-те фестивалски денови вљубениците во уметноста ќе имаат прилика да уживаат на фестивалската сцена каде ќе се слави врвната уметност. Покрај светските уметници, почит и белег ќе дадеме и кон нашите македонски уметници, истакнати поединци и творци од областа на уметноста. Тука се и традиционалните вечери кои ги правиме во соработка со амбасадите. На сцената на Античкиот театар, во предворјето на црквата „Св. Софија”, во црквата „Св. Софија”, на Долни Сарај и во Центарот за култура ќе се одржат преку 40 културни настани, рече Поповиќ.

За самото отворање таа изрази уверување дека фестивалската публика на 12 јули ќе има незаборавна вечер со уметничката Меј за која истакна дека неслучајно го носи епитетот светско чудо.

-Убедена сум дека заедно со оркестарот на Македонската филхармонија и вокалните солисти од Македонската опера и балет ќе направат спектакуларен концерт, рече Поповиќ.

Што се однесува на музичкиот дел на „Охридско лето“ селекторот Васо Ристов истакна дека и оваа година со понудената програма и екслузивните уметници, Охрид повторно ќе стане вистинска културна метропола и како и досега, ќе привлече бројни посетители кои доаѓаат од други земји и тоа само заради годинешните ѕвезди и квалитетната програма понудена на „Охридско лето“.

-И оваа година нашите заложби се фестивалот да има квалитетна и атрактивна програма во текот на сите 40 фестивалски денови. Од успешноста на изборот на програмата секоја година зависи и реномето на фестивалот кое според домашната, но и странска стручна критика, од година на година се воздигнува. Со тоа и градот Охрид претставува значајна светска уметничка сцена и голема културна метропола. Традиционално, имаме неколку ексклузивни проекти на кои учествуваат легендарни имиња од светската музичка сцена, имиња што долго ќе се паметат, рече Ристов притоа посочувајќи дека годинава на фестивалот ќе учествуваат уметници од Италија, Австрија, Русија, Бугарија, Германија, Чешка, Словенија, Албанија, Норвешка, Хрватска, Франција, Србија, Косово, Финска и други земји.

Притоа тој како посебни уметнички доживувања ги посочи концертите на рускиот виолончелист Денис Шаповалов, албанската сопранистка Инва Мула, која ќе настапи заедно со македонскиот тенор Ѓорѓи Цуцковски и сопранот Дешира Крлиу, пијано-дуото Гелебешеви, српскиот виолинист Стефан Миленковиќ, ансамблот „Дорицо“ од Италија, гудачкиот квартет „Асасело“ од Германија, како и Камерниот оркестар од Државната филхармонија од Бријанск, Русија. Уште дел од музичката програма се и словенечките уметници, виолончелистот Клемен Хвала и кларинетистот Дарко Брлек, албанската флејтистка Јонела Големи, руската пијанистка Виолета Егорова од Русија, како и нејзиниот колега и сонародник, Александер Гаџиев…

Како посебен музички настан селекторот Ристов го најави и роденденскиот концерт на „Охридско лето“ на 4 август со виртуозите на гитара, уметниците Влатко Стефановски и Мирослав Тадиќ.

-Учеството на сите овие имиња, солисти, состави, камерни оркестри и оркестри, е доволна потврда дека програмата и годинава ги оправдува очекувањата на љубителите на музиката. Како музички селектор сигурен сум дека настапите на големите светски уметници ќе бидат вистинско уметничко доживување за публиката, рече тој притоа нагласувајќи дека дел од музичката програма Фестивалот ја реализира преку соработка со амбасади на повеќе држави во нашата земја.

Драмскиот дел на „Охридско лето“ оваа година содржи осум претстави што, како што во видео-пораката пред медиумите појасни селекторот Александар Поповски, би сакал да бидат посветени на починатиот режисер Горан Стефановски посочувајќи го како „човекот којшто е заслужен за генерации и генерации театарски уметници“.

-За Горан Стефановски „Охридско лето“ беше нешто посебно и мислам дека треба да најдеме начин, и се уште барам вистински начин, како да му се оддолжиме и како да оставиме поголем печат за она што тој го правеше за сите нас, рече Поповски.

На „Охридско лето“ оваа година разновидна драмска програма, со претстави од Словенија, Хрватска, секако претстави од Македонија, од Казахстан од Турција, од Португалија и од Србија.

-Отворањето на драмската програма ќе биде со претставата „Самрак на Боговите“ според оној филм на Висконти, кои сите добро го познаваме. Доаѓаат Словенечкото народно гледалишче „Драма Марибор“, претстава што веќе гостува на неколку фестивали и која на фестивалот во Ниш ги освои сите награди. Затворањето е со Народниот театар од Белград, со преставата „Иванов“ од Антон Павлович Чехов каде што ќе можеме да го видиме во главна улога нашиот Никола Ристановски, рече Поповски.

Во насока на заложбите за континуирано подобрување на квалитетот на туристичката понуда на Охрид, „Охридско лето“ од оваа година покрај концертите одржани надвор од стандардната програма од 12 јули до 20 август, како новина воведува и туристички водич за уметниците, односно промоција на националното културното наследство преку презентација на историските знаменитости на градот пред уметниците – учесници на Фестивалот.

Фестивалот „Охридско лето“ од страна на Европската фестивалска асоцијација (ЕФА) неодамна беше сврстен меѓу трите најдобри музичко-сценски манифестации на европската културна сцена. Охрид следната година кога Фестивалот „Охридско лето“ слави јубилеј – 60 години постоење, ќе биде домаќин на Генералното собрание на бордот на директори на ЕФА, што според управата на „Охридско лето“ е признание за досегашната работа, но и обврска за Фестивалот секоја следна година, секој следен чекор, да се издигнува скалило погоре, како по однос на квалитетот на самата програма, така и во организацискиот сегмент.

Би можело да ве интересира

Згасна фестивалскиот оган на Античкиот театар, спуштена завесата на „Охридско лето“

Ана Ололовска

Поповиќ: „Охридско лето“ и оваа година понуди квалитет, започнуваат подготовките за јубилејното 60. фестивалско издание

Ана Ололовска

„Одисеј“ на Горан Стефановски за затворање на годинешното издание на „Охридско лето“

Ана Ололовска

Зографска-Беличанец: Купивме локација во Охрид за да бидеме поблиску до „Охридско лето“

Ана Ололовска

Концерт на „Охридско лето“ по повод 85 години од раѓањето на композиторот Зографски

Ана Ололовска

„Охридско лето“ утре ќе одбележи 85 години од раѓањето на композиторот Зографски

Татјана Ташкова