Богати наоди од истражувањата на локалитетот Тополничка река кај Радовиш

Од:

Стручните екипи на Заводот за заштита на спомениците и музеј – Штип ги завршија археолошките истражувања на локалитетот Тополничка река кај Радовиш, кои беа предвидени во Годишната програма на Министерството за култура во 2013 година.

Истражувањата на овој новоевидентиран локалитет, како што информираа од Министерството за култура, започнаа во април годинава. Археолозите наидоа на мошне значајни артефакти, меѓу кои и остатоци од антички храм со две простории и влез од источната страна, како и повеќе мермерни фигури, торза, камени икони и мермерни плочи со претстави на божества, околу 30 монети датирани од 4 век и градежни мермерни делови.

Наодите укажуваат дека се работи за антички храм од 2 и 3 век од н.е., според иконографијата на претставите, најверојатно на Асклепиј или Зевс. Во целост е откриена архитектурата на објектот со градежни остатоци од капители, подни и покривни бази, остатоци и друго, а според археолозите, особено е интересна мермерната плоча со претстава на Зевс.

Истражувањата ќе продолжат и наредната година кога се очекува археолозите да дојдат до нови податоци за постоечки други објекти околу храмот и во околината.

„Тополничка река“ е евидентиран археолошки локалитет кој се наоѓа на левата страна од магистралниот пат Штип-Радовиш на растојание од околу еден километар од населбата Дамјан. Во близина на овој локалитет постојат повеќе регистрирани локалитети на археолошката карта на Македонија, како што се Канли Чаир од времето на неолитот, античкиот град Астрајон, како и доцноантичките локалитети: Марчово, Маденска река, Грамади. 

Би можело да ве интересира

По 70 години прво подземно скенирање на наоди во античкиот локалитет „Стибера“ кај Прилеп

Ана Ололовска

Египет ги изложи неодамна откриените артефакти стари 2.500 години

Предраг Петровиќ

„На север од егејскиот свет“ – нова книга на археологот Драги Митревски

Минатата година се зголеми македонското археолошко богатство, а науката доби лабораторија за прецизирање на фактите

Ана Ололовска

Конференција за предисториска археологија „Предисторија на Балканот“

Ана Ололовска

Завршија овогодишните истражувања на Градиште-Бислим кај кумановското село Пчиња

Ана Ололовска