„Блуз и соул фестивал“ од 22. до 24 септември

Од:

Европски блуз ќе понуди годинашниот „Блуз и соул фестивал“ (Blues&Soul Festival) кој по 21-ви пат го организира Дирекцијата за култура и уметност-Скопје (ДКУС). Во три фестивалски вечери со почеток во 21 часот, на 22-ри, 23-ти и 24 септември во ноќниот клуб Станица 26, ќе настапат четири бендови од Македонија, Шведска, Грција и Унгарија.

Фестивалот в петок ќе го отвори македонскиот блуз-бенд познат по клупски настапи „In the Mood“, а специјално за овој настан ќе биде во проширен состав со девет членови. По нив ќе гостува шведскиот блуз состав „Трикбег“ (Trickbag) кој постои 20 години и на албумите има голем број гости.

Втората фестивалска вечер, 23 септември, е резервирана за грчкиот „Трипл фрет бенд“ (Triple Fret Band). Грчката вечер ќе биде во три дела со пет музичари. Фестивалот в недела, 24 септември, ќе заврши со унгарскиот блуз-мајстор на усна хармоника и пејач на блуз Матјаш Прибојски и неговиот четиричлен бенд (Matyas Pribojszki Band). Еден од неговите 11 снимени албуми има награда „Златен албум“.

Програмата за годинашното фестивалско издание на прес-конференција ја соопшти селекторот Иво Солдатовиќ посочувајќи дека фокусот годинава е европскиот блуз кој, рече, еднакво е квалитетен како и блузот во Америка од каде што и потекнува оваа музика и култура.

– Најдраго ми е што имаме македонски бенд, „In the Mood“, во проширен состав со аранжмани кои ги направи Владимир Николов. Ќе се трудиме и во наредната година да имаме македонска вечер. Идејата ми е застапеноста на македонската музика секоја година да се зголемува и овој фестивал да им даде шанса на неслушнати музичари. Имаме врвни таленти и тие тоа го заслужуваат, рече Солдатовиќ, кој во „In The Mood“ ќе свири на кларинет.

Директорот на ДКУС Никола Глигоров истакна дека по 21 година „Блуз и соул фестивалот“ заслужено го има епитетот за еден од ретките и најстари од ваков тип во Југоисточна Европа. Соопшти дека фестивалот е поддржан од Град Скопје и Министерството за култура, а годинава соработувале и со амбасадите на Шведска и Унгарија.

Претставникот од Унгарската амбасада Ѓула Шомоѓи дополни дека културните настани се и најплодни зашто обединуваат повеќе луѓе и нагласи дека соработката со Дирекцијата е континуирана и за фестивалот „Скопско лето“, како и за одржаните јубилејни концерти за Бела Барток и Золтан Кодај.

Влезниците за „Блуз и соул фестивал“ се по цена од 300 денари за првата вечер и 200 денари за втората и третата вечер и може да се купат во Југотон Рекордс и на благајната на Станица 26.

Би можело да ве интересира

Чешки денови по повод 30 години од „Кадифената револуција“

Ана Ололовска

Отворено писмо до Министерот за култура

Ана Ололовска

Министерство за култура: Колективниот договор ќе биде применлив од 1 јануари 2020

Ана Ололовска

СКРМ го заврши протестот пред Министерството за култура, од Владата добиле покана за средба

Ана Ололовска

ВИДЕО: Културните работници бараат Итно потпишување на колективниот договор

Ана Василевска

Средба Исмаили – Манчевски по повод светската премиера на „Врба“

Ана Ололовска