Битолскиот суд забрани ископ од концесионерот на локалитетот Влахо во Новаци

Од:

Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска ја поздрави одлуката на Битолскиот суд кој го уважи предлогот на Основното јавно обвинителство Битола и изрече забрана концесионерот да врши ископ на подрачјето на Задбрдо, дел од локалитетот Влахо во селото Живојно во Општина Новаци, до правосилно завршување на постапката која во ОЈО Битола се води за кривично дело „оштетување или уништување на добра“.

– Ја поздравувам и брзата реакција на Основното јавно обвинителство Битола. Одлуката на Битолскиот суд следува по реакцијата на Министерството за култура соодветните институции за заштита веднаш да ги активираат своите законски надлежности по алармантните укажувања од стручните лица за случувањата на локалитетот Влахо, истакна Костадиновска-Стојчевска по седницата на Националната комисија за УНЕСКО и ад хок седницата на Националниот совет за заштита на културното наследство.

Мери Стојанова, директор на Завод и Музеј-Битола, појасни дека фирмата се обратила до Управата за заштита на културно наследство, а Управата до Завод и Музеј-Битола за да даде мислење во кое, како што рече, „беше стриктно наведено дека на наведениот опфат, на локалитетот Влахо во Живојно се задолжителни археолошки истражувања додека на останатите делови ќе се оди со археолошки надзор“.

– Меѓутоа, и покрај сите препораки кои ги издаде нашата институција, инвеститорот ги прекрши наведените одредби и поради тоа бевме принудени да интервенираме на овој начин, рече Стојанова.

На новинарско прашање дали можеби багерите кои се наоѓаат на локалитетот се на друг субјект, таа одговори дека тие му припаѓаат на концесионерот.

– Медиуми се обратија во нашата институција со прашање дали се тоа булдожери на ЕСМ, но тоа не е така. Според увидот што наши екипи го вршеа на локалитетот, тоа се машини, булдожери кои му припаѓаат на концесионерот. Не станува збор за каква и да е друга узурпација од страна на некој друг, додаде директорката на Завод и Музеј – Битола.

Министерката Костадиновска-Стојчевска на прес-конференцијата ја пренесе и информацијата од надлежната институција – Завод и Музеј – Штип дека нивна стручна екипа извршила увид на археолошкиот локалитет Свети Атанасие во штипското село Спанчево и констатирала дека на местото каде што се изведуваат градежни работи за поставување фотоволтаици од инвеститорот „Сити инвест“ не се забележани наоди кои би укажале на постоење културно наследство.

– Во консултација со Општина Чешиново-Облешево, инвеститорот ги имал сите документи за отпочнување со градежни активности, односно дозвола за градба од 2013 година со важност од 10 години, информираше министерката за култура.

Таа нагласи дека Министерството за култура ја продолжува засилената координација со сите релевантни фактори за спречување на натамошни нелегални и деструктивни активности на археолошките локалитети и останатото културно наследство во земјава.

– Во секојдневен контакт и координација сум со Македонското археолошко друштво како здружение кое вклучува најголем дел од научниот и стручниот потенцијал во областа на археологијата. Актуелните случувања беа тема и на денешниот состанок на Националниот совет за културно наследство, додаде министерката за култура.

Би можело да ве интересира

Работниците контра министерката за култура: Зголемувањето на платите е два, а не 12 отсто

Орце Костов

Почина актерот Мустафа Јашар

Квинтетот на Симон Трпчески и оркестарот „Ајга“ со два концерти во Скопје

(ВИДЕО) Муамер Абедин, самоук музичар на повеќе од десет инструменти: Научив да свирам од велешката чалгија во која уживал и турскиот султан

Орце Костов

Костадиновска-Стојчевска објасни: Не финансираме фестивал во Косово, туку наши театри кои ќе учествуваат

А1он

Детска интерактивна музичка претстава „Операта на шумските животни“ во НОБ

Предраг Петровиќ