Издавачката куќа „Бегемот“ ја објави на македонски јазик збирката раскази „Алеф“ на Хорхе Луис Борхес, еден од најголемите латиноамерикански писатели. Преводот е на Ненад Велковски.
„Алеф“, заедно со „Фикции“, самиот Борхес го вброил во своите најважни дела. Сите негови подоцнежни раскази, скици или стихови во суштина се варијанта, модификација или воведен нацрт – фабуларен, есеистички или поетски – на мотивите, идеите и симболите содржани во тие две збирки раскази.
– Како што самиот Борхес напишал: „бројноста на фабулите и метафорите на какви што е способна човечката фантазија е неограничена“. Во расказите понекогаш се појавуваат вистинити ликови и нереални ситуации, а светот претставен таму е како засилен кошмар, наезда на огледални појави, привиденија и нематеријални слики. Алеф? Тоа се фантазии за времето, за вечноста како скаменета сегашност, за човекот како микрокосмос, за симболичното огледало на вселената, за фасцинантниот лавиринт на сништата и бесконечноста, информира „Бегемот“.