Арсов: Потребна е комплетна промена на моделот на финансирање во културата

Од:

Младинскиот културен центар нема да зависи од буџетската поддршка и ќе настојува да ги реализира планираните активности, меѓу кои ќе има и гостувања на странски уметници, за целата програма и обврските да се изменаџираат професионално, рече денеска на прес-конференција в.д. директорот на МКЦ Русе Арсов.

Заедно со целиот креативен тим тој информираше за сите дејности и настани што ги организира МКЦ, а во однос на финансирањето рече дека во културата е потребно комплетна промена на моделот на распределба на буџетот. Ќе ги обжалат одлуките за проектите за кои не се задоволни од резултатите во Годишната програма.

„Повеќе од десет години заговараме да се најдат нови модели на распределување на јавните средства. Тројца луѓе, колку и да се професионални, не можат да одлучат врз основа на 500, 600, 700 сектори за распределба на јавни средства. Мислам дека треба да се работи на комплетна промена на моделот на финансирање и распределба на тие средства, а не за тоа да се решава во кабинети и во некои мали комисии, за кои не ја оспорувам нивната професионалност и стручност. Но музичката дејност не може да биде и фолклор, и класика, и естрада, и сè во едно, а фестивал „Здраво млади“ со пет илјади публика да добие нула денари“, истакна Арсов.

Во однос на поддршката за Млад отворен театар-МОТ кој добил четири милиони денари рече дека иако сметаат дека е малку, не можат да приговараат зашто според утврден критериум за кој, рече, дознале неодамна, тоа е и максималниот ограничен износ за поддршка на театарски фестивал.

Има очекување дека со приговор ќе ја поправи одлуката за „Синедејс“, што од Агенцијата за филм доби три милиони денари. Тоа на средба му го навестил директорот, Горјан Тозија.

„Можеби сум и наивен, но среќен сум по нашиот состанок на кој мислам дека ги расчистивме различните ставови околу многу точки кои за него беа проблематични. Се согласи дека сето тоа јас дополнително треба да го доставам како приговор, кој законски е наша можност“, рече Арсов.

На новинарско прашање одговори дека ќе се пријави на тековниот конкурс на Град Скопје за директор на Младинскиот културен центар, каде што сега е вршител на должност.

„Секако, дваесет години сум во куќава. Ова е само продолжување на една борба која во последните девет-десет години овој тим ја води и не гледам зошто не би се докажале за она што сакаме дополнително да го направиме со оваа институција и да го породолжиме тоа што сме го граделе сиве овие години“, истакна Арсов.

Би можело да ве интересира

Над 3000 вработени во културата се без плата, од утре излегуваат на протести

Неделков: СОНК нема да дозволи исплата на плата спротивно на Колективниот договор за култура

Катерина Ѓуровски

Министерство за култура: Се заострува режимот за градби во старото градско јадро на Охрид

Министерството за култура доделило 900.000 денари за бришење на шкртаниците од Шарената револуција тврди ВМРО-ДПМНЕ

Министерство за култура: Ќе се исплатат сите обврски кон македонскиот филм до крајот на годината

Јавна расправа за Предлог законот за култура – дел од забелешките околу децентрализација на институциите и стручните звања