Годинашниот добитник на специјалната наградата „Златна Камера 300“ за особен придонес во светската филмска уметност, французинката Ањес Годар денеска во рамките на ИФФК „Браќа Манаки“ имаше средба со новинарите, кинематограферите, студенти и други учесници на фестивалот за филмска камера во Битола.
Ањес Годар прв пат доаѓа во Битола и во Македонија и на отворената средба во Центарот за култура посочи дека со задоволство ги открива убавините на земјата.
– Со задоволство ги откривам убавините на Македонија. На враќање од Охрид кон Битола имаше едно прекрасно зајдисоцне, а набргу се појави полна месечина и беше многу мистериозно. Помислив се е во хармонија со овој фестивал затоа што за мене мистеријата е главната работа во светот на кинематографијата и филмот. Ефектот на светлината врз луѓето секогаш е многу силен, моќен и создава чувства. Тоа е дел од режијата, од приказната од драмското дејствие, истакна Годар.
Ањес Годар во својот живот почнала како новинар, а продолжила како кинематографер дипломирајќи на прославената париска школа ИДХЕЦ во 1980 година, и затоа на денешната средба во Битола нагласи дека зборовите ги заменила со слики или новинарството со кинематографија.
– Инспирацијата да се посветам на сликите е поврзана со мојот прерано починат татко кој изработуваше и имаше околу 5.000 фотографии за нашето семејство. Сепак, прво почнав со новинарство, а потоа продолжив со филмот. Љубовта кон зборовите ја заменив со љубов кон сликите, но тоа и понатаму е поврзано затоа што најнапред треба да напишам сценарио, а потоа истото да го пренесам низ слики, истакна Годар.
Почетоците на професионалната кариера на Годар се поврзани со директна соработка со великаните на француското снимателство, кинематограферите Саша Виерни и Анри Алекан, а подоцна и со познатата режисерка Клер Дени. Минатата година на фестивалот во Севилја, Ањес Годар ја доби наградата за најдобра фотографија.
– Со камерата оперирам сама, сама снимам. За мене сликите секогаш се живи и како да зборувуваат и тоа посебно ме трогнува. Работата со големите режисерски имиња ми овозможи да знам кога и што да изберам што ќе отфрлам, а што ќе остане снимено во кадарот, појасни директорката на фотографија Годар.
Специјалната награда „Златна Камера 300“ за особен приднес во светската филмска уметност на французинката Ањес Годар ќе и биде врачена вечер за време на свеченото затворање на 34-то издание на Интернационалниот фестивал за филмска камера „Браќа Манаки“.