„Земјотрес, 5:17“ – нов роман на Владимир Плавевски

Од:

Во издание на „Македоника“ објавен е романот „Земјотрес, 5:17“ на Владимир Плавевски за скопскиот земјотрес од 26 јули 1963 година.

– Романот е посветен на трагични теми од историјата на градот, но во сите тие мачни, мрачни и тегобни сцени, слики и епизоди, најдолго се провлекува една љубовна приказна. Токму таа приказна е нишката која ги поврзува сите епизоди на ова дело. Фикцијата на приказната се потпира врз многу веродостојни факти и документи, но и фактот што авторот е роден скопјанец и директен сведок на многу од опишаните настани сега преточени во уметничка проза – ја прават уште поуверлива приказната за Скопје во деновите пред и по земјотресот, соопшти издавачот.

Владимир Плавевски (1948) е романсиер, раскажувач, драмски писател, фотограф, сценарист и режисер. Автор е на драмски дела за театар, сценарија за телевизиски филмови, играни серии, радиодрами… Негови романи се преведени на полски и бугарски јазик. Добитник е на повеќе награди на конкурси за расказ. Бил и предавач по предметот „Фотографија“ на ФДУ во Скопје и имал 23 самостојни изложби на уметничка фотографија.