Вељаноски: 8 октомври е краен рок за СДСМ да се врати во Собрание

Од:

Претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски очекува дека СДСМ по објавувањето на извештајот на Европската Комисија за напредокот на Македонија ќе се врати во парламентот, каде активно ќе се вклучи и во собраниската дебата за уставните измени, кои, според Вељаноски, до крајот на октомври ќе се најдат на гласање на пленарнаta седница на Собранието.

Тој во интервју за Прес24, вели дека ако најголемата опозициска партија не се врати во Собранието, тоа ќе значи активирање на прекинатата собраниска седница за верификација на оставките на пратениците од листите на СДСМ. За Вељаноски барањата на СДСМ се апсурдни и недемократски.

– Знаете дека на 8 октомври треба да биде објавен Извештајот на Европската комисија, во кој верувам дека Македонија и по шести пат ќе добие препорака за добивање на датум за започнување на преговорите со ЕУ. Така да, ако опозицијата не се врати во Парламентот и ако го условуваат политичкиот дијалог со апсурди и пред сé недемократски барања, како што е техничка влада и нови избори, јас ќе свикам продолжување на седницата на која се оставките на пратениците од СДСМ. Сепак врз основа на моето досегашно политичко искуство и практика мислам дека ќе се најде форма и начин опозицијата да се врати во Собранието. Јас искрено посакувам тоа да се случи во еден разумен рок – вели за Прес24, претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски.

Дополнителниот проблем, кој се појави по инцидентот во Собранието, напуштањето на работата на парламентот од страна на ДПА, засега е статус кво. Вељановски очекува враќање на пратениците на ДПА во Собранието, за да може да се случи расчистување на инцидентот.

– Додека трае бојкотот на опозицијата мислам дека би било несмислено да се формира посебна анкетна комисија во која, заради ваквиот став на опозицијата, би учествувале само претставници од парламентарното мнозинство, што само по себе е демократски контрадикторно – вели Вељаноски.