Триста бубрежно болни годишно, месечно се прават по две трансплантации

Од:

Секоја година има нови 300 бубрежно болни луѓе. Од нив, во првите месеци голем е бројот на оние кои ќе починат или ќе прекинат со дијализно лекување бидејќи биле акутни, што значи 250 после третиот месец од лекување со дијализа остануваат на хронична дијализа програма.

Ова денеска го истакна доктор Оливера Стојчева Танева од Универзитетската клиника за нефрологија, која истакна дека околу 1.600 пациенти се лекуваат со дијализа од кои 215 се трансплантирани, а 32 се на перитонеална дијализа. Жените, посочи таа, многу почесто имаат инфекции на урогениталниот тракт, како и едно од системските заболувања, а тоа е лупусот (нарушување на имунолошкиот систем).

– Жената е позаштитена во однос на терминалното бубрежно заболување во однос на мажот, затоа што се смета дека постојат механизми кои, кога веќе има хронично бубрежно заболување, ја штитат од прогресија до крајната фаза. Жените околу десет години подоцна почнуваат со дијализно лекување во однос на мажите, рече Стојчева Танева на одбележувањето на Светскиот ден на бубрегот во организација на Здружението на бубрежно болни граѓани „Нефрон“ под мотото „Бубрезите и здравјето на жените“.

Појасни дека иако е многу тешко да забременат жените со хронично бубрежно заболување има и такви кои забремениле и родиле.

– Компликациите се бројни по плодот ако жената има понапреднат стадиум на хронична бубрежна болест. Трансплантираните жени полесно можат да забременат и полесно може да се одвива нивната бременост, додаде Стојчева Танева.

Претседателот на Здружение на бубрежно болни Нефрон, Душко Георгиев рече дека иако има солидна дијализа во Македонија бараат да се доопремат дел од центрите за дијализа, да се воведат нови процедури во дијализата, како и да заживее трансплантација од починат донор која веќе трета година по ред не се извршува.

Претседателот на Македонското здружение за нефрологија, дијализа, трансплантација и вештачки органи, Гоце Спасовски истакна дека четири трансплантации се направени годинава, а овој месец се предвидени уште две.

– Месечно се прават трансплантации на двајца пациенти, седум пациенти чекаат во моментот за регуларна трансплантација, а кај четири случаи донорот е со различна крвна група, кој не може да му даде крв, но може да му даде бубрег со специјално прекондиционирање, потенцира Спасовски.

Би можело да ве интересира

Светски ден на бубрегот: Еден од десет возрасни има некој стадиум на ХББ

Ана Ололовска

Во Македонија околу 13.9 отсто од населението е со хронично бубрежно оштетување

Ана Ололовска