Суд без сведоци – прва сенатска сесија прашања и одговори во судењето за импичмент на Трамп

Од:

Американскиот Сенат синоќа се претвори во врвна дебатна трибина каде преку прашања и одговори се толкуваа разни погледи на судската постапка за импичмент (отповикување) на претседателот на САД, како на пример дефиниции за злоупотреба на власта, што е „извршна привилегија“ или дали се потребни сведоци за донесување пресуда.

Како што јави дописникот на МИА од Вашингтон, прашањата на сенаторите до менаџерите (обвинителите) на импичментот и адвокатите на претседателот Доналд Трамп, се поставуваат во пишана форма, на картички, носени од помошници до судијата на Врховниот суд, претседавач со постапката, кој ги чита прашањата.

Сите прашања не беа одговорени, како она на републиканскиот сенатор Ранд Пол, кој употребувал лични имиња и квалификации, па судијата го пречкртал, според извори во Конгресот.

Почетокот на седницата беше засенет со штотуку пристигната вест – Белата куќа испратила писмо до Џон Болтон, екс-советник на Трамп за национална безбедност, во кое укажува дека ракописот од неговата најавена книга „содржи премногу класифицирана содржина“, која треба да се отстрани пред да оди во печат.

Болтон е еден од клучните сведоци во случајот со задржаната помош за Украина, и демократите бараат тој да сведочи, но републиканците блокираат секакви сведочења во кои потенцијално би можеле да се разоткријат наводните злоупотреби на Трамп со задржаната помош и изнуда од Киев да отвори истрага за политички ривал.

Во Сенатот, првото прашање дојде од сенаторите Сузан Колинс, Мит Ромни и Лиза Мурковски, кои се сметаат за најумерени и лидерот на републиканците, Мич Меконел, намерно им даде предност со прашање да ги изразат своите сомнежи во однос на постапката и можен повик на сведоци.

Прашањето беше како Сенатот може да извага отповикување ако Трамп имал повеќе од еден мотив за своите постапки.

Адвокатот Патрик Филибин одговори дека „во моментот кога си на терен со измешани мотиви, и кога е утврдено дека во тоа има легитимен јавен интерес што ќе оправда да се отворат некои прашања или само да се постават прашањата за нешто, со тоа аргументот на менаџерите (обвинителите) се урива“.

Демократите пак, се интересираа за тоа дали Сенатот може да пресуди без да чуе од клучни сведоци како Болтон или од вршителот на должноста шеф на кабинетот на Белата куќа, Мик Молвејни.

Главниот менаџер на импичментот, демократскиот конгресмен Адам Шиф, посочи: „краткиот одговор на ова прашање е дека нема начин да се спроведе фер судење без сведоци“.

Процедурата со прашања и одговори, кои по редослед ги поставуваа сенатори републиканци, па сенатори демократи траеше вкупно осум часови до доцна навечер.

На сенатскиот пленум преовладуваа две спротивставени кривично-правни теченија: рационалните убедувања на демократските менаџери за злоупотребите на претседателот и конзервативните толкувања на адвокатите на Трамп за предимството на претседателската „извршна моќ“.

Така, на прашање од сенаторот Тед Круз, дали какво е правното значање во барањето на Трамп „квид-про-кво“ (услуга за услуга) од украинскиот лидер, адвокатот Алан Дершовиц одговори со газење врз аргументите на обвинителите – корупција и измама за да се добијат изборите.

-Ако претседателот стори нешто за кое смета дека ќе помогне во неговиот реизбор, нешто што е во јавен интерес, тоа не е такво „квид-про-кво“ кое резултира со импичмент, порача Дершовиц, професор по уставно право и адвокат во американскиот шоу бизнис.

Подоцна, во текот на сесијата, на ова се осврна адемократот Шиф, кој посочи дека „ако се каже дека претседателот не е одговорен за време на изборна година, кога се обидува од изборите да направ измама, тогаш давате карт бланш (целосна слобода да прави што сака), изјави Шиф. Додаде дека сите „квид-про-кво“ не се исти.

-Некои се легитимни, но некои се корумпирани.

Демократите, на сенатскиот подиум синоќа аргуменираа дека кампањата на Трамп со притисокот преку задржаната воена помош и изнудата Киев да објави истрага за политичкиот ривал, е токму таква коруптивна шема предвидена од основоположиците на САД, кога тие, во чест на демократските принципи и републиката, го креирале импичментот – инструмент за запирање на корумпиран претседател со тенденции на злоупотреба на власта.

Инаку, куриозитет на денот беше појавата на Капитол хил на Лев Парнас, американско-украински бизнисмен, екс- близок соработник на Руди Џулијани, клучната фигура во истрагатта на демократите, и личен адвокат на Трамп. Парнас предаде многу скокотливи детаљи од украинскиот скандал на претседателот. По покана на Шиф, тој и неговиот адвокат добија влез во Сенатот да го следат процесот од горните ложи на сенатската сала.

Подоцна се дозна дека Парнес, сепак, не го пуштиле во салата поради тоа што носи магнетна бразлета, кој како обвинет е во куќен притвор.

Сесијата прашања и одговори продолжува денеска.

Доколку не се случи пресврт во обидот демократите да повикаат сведоци – потребно им е просто мнозинство за тоа но распоредот на силите во Горниот дом на американскиот Конгрес е 47-53 во полза на републиканците, пресудата за импичментот најверојатно ќе биде донесена утре.

Би можело да ве интересира

Девојче го нашле мртво во голема цевка, мајката очајна го тужи хотелот

ВИДЕО: Крвав напад со нож во САД, четворица мртви

САД воведоа санкции за ентитети кои наводно им помагале на Хутите и Хезболах

САД бара од Украина да ги запре нападите врз руските рафинерии

(ВИДЕО) Пресметка меѓу мигрантите и Националната гарда на Тексас кај Ел Пасо

ВИДЕО: Американската милјардерка која со Тесла излета во езеро и се удави била пијана