Развод на кинески начин

Од:

Новиот данок на недвижнини ненадејно поттикна многу брачни двојки во Кина да поднесат барање за развод, за да го избегнат овој данок. Кинескиот печат овој феномен го нарече развод на кинески начин.

Инаку, данокот од неодамна се плаќа при продажба на куќи и станови и го воведе владата за да ги спречи наводните шпекулации со имотот. Во брачниот центар на дистриктот Џабеј во Шангај матичарот разведе рекордни 53 брачни двојки во само еден ден, бидејќи сакале брзо да се разведат за да го избегнат плаќањето на данок на капиталната добивка од продадениот имот, наведува Чајна дејли.

Слични сцени се случуваат и во Пекинг, Суџоу и Нанкинг, каде двојките се одлучиле на брзи согласни разводи кои чинат само неколку стотици јуани (1 евро – 8 јуани), што им овозможува голема заштеда поради неплаќање на данокот. Кинеската централна влада донесе нови прописи со намера да воведе ред во цените за недвижнини, вклучувајќи го и плаќањето на данок на капиталната добивка од 20 отсто при продажба на станбен имот. Но…

Дупката во законот овозможува на двојки со две куќи кои ќе се разведат и двете куќи ќе ги стават на име на едно лице, при продажба на тој имот да не плаќаат данок. Потоа тие можат повторно да се венчаат, нормално и без пардон. И тоа, ете го прават масовно.

Од друга страна, во поголемите кинески градови, новиот тренд на венчавање подразбира гламурозни свадби за стотици гости и меден месец на познатиот остров Хајнан на југот на Кина, додека младенците за подарок очекуваат исклучиво пари во црвени коверти. Тоа е радикална промена во однос на поранешните времиња кога новите брачни двојки на подарок добивале велосипед, радио или во најдобар случај тросед на расклопување.

Во времето на Мао Це тунг кинеските свадби биле куси, евтини и револуционерни. Се се завршувало за неколку минути во најблиската локална канцеларија. Доаѓал гардист одржувал кус говор, младенците се бакнувале под сликата на Мао и тоа било се.

Во времето на Џенг Сјаопинг се вратиле старите свадбени ритуали, додека во времето на Џијанг Цеминг и Ху Џинтао, почнале и нови обичари во кои први биле богаташите од големите кинески градови. А денес, во време на Си Џинпинг, раскошната свадба станала еден симбол на престиж на кинеските богаташи.

Група кинески истражувачи утврдиле дека бракот е поуспешен ако мажот подобро заработува од својата сопруга. Најстабилните бракови се тие во кои мажот заработува најмалку два пати повеќе од својата жена, покажало истражување во Пекинг. Браковите се поподложни на развод ако жената заработува исто или повеќе од својот сопруг, наведува весникот.

Според официјалната статистика, во кинескиот главен град секој четврти брак доживува бродолом. – По расправиите и насилствата, неверството главно од мажите претставува основна причина за развод на браковите во Кина, кои лани биле милион и шесто илјади, истакнуваат кинеските социолози, укажувајќи дека стапката на развод во сите големи градови надминува 20 отсто.

Овој алармантен податок бил еден од главните адути за неодамнешната дополна на Брачниот закон и воведување на заострени казни за прељуба, конкубинат т.е. див брак, бигамија и полигамија. Според кинескиот закон, овие појави и до сега биле во илегала, иако во последните години масовно се толерирале. Кинескиот печат констатира дека конкубинатот неодамна бил префрлен од кривични во прекршочни дека, за кои одлучуваат народните судови.

– Двојниот брачен живот и издржувањето на љубовници опасно ги нарушува моралните вредности на кинеското општество – предупреди Синхуа и укажа дека е објавена војна на конкубините.

Хроничарите тврдат дека конкубините имаат длабоки корени во кинеската историја: се појавиле пред 4.000 години во династијата Сја, како задолжителен составен елемент на сталешките системи. Во време на Периодот на завојуваните држави бил основан првиот пазар за купопродажба на жени.

Тогаш бил воведен и т.н. кодекс на конкубините: мажот смее да има само една законска сопруга, но со што повеќе љубовници ја величел светоста на плодноста. Брачната вредност тогаш важела за неприродна измислица. Во полигамните заедници владеело правилото дека сопругата морала да остане доживотна вдовица, додека конкубините можеле да се мажат по едногодишна жалост.

Во династијата Џинг (221–207 година пред новата ера) конкубините станале царски дами, поделени на 9 сталежи, а императорите од династијата Хан, ги делеле своите дворски љубовници на 14 касти. Според легендата, цар Сунсонг од династијата Танг имал над 40.000 конкубини, што е своевиден куриозитет во живописната историја на харемот и конкубините.

Самракот на кинеските конкубини почнал во 1930 година, кога владата на Куоминтанг донела закон со кој се вовела моногамијата. Но, се покажало дека тоа е мртва буква на хартија: Ли Сјанг, тогашен претседател на сечуанската влада, на пример имал над 10 конкубини, велат записите.

По една година од основањето на НР Кина во 1950 година бил донесен Брачен закон кој конкубините дефинитивно ги натерал во илегала. Според сведочењето на хроничарите, последните години оваа појава повторно зела замав, како резултат на се поширокото отворање на Кина и отстранување на многу табуа.

Би можело да ве интересира

(ВИДЕО) Во Кина: Експлозија на гас во ресторан, две лица загинаа, 26 се повредени

Горан Наумовски

Кина: Нема добро оправдување за масакрот на цивилите во Газа

Горан Наумовски

Кина најави дека ќе ја „трансформира економијата“, се очекува голем раст

Горан Наумовски

Земјотрес со јачина од 5,8 степени по Рихтер ја погоди границата меѓу Киргистан и Кина

(ВИДЕО) Голем пожар во Кина, загинаа најмалку 15 лица, 44 се повредени

Горан Наумовски

(ВИДЕО) Товарен брод во Кина удри во мост, има мртви: автомобили и автобус паднаа во реката