Плати данок или продади го станот?

Од:

Дојче веле – Бон

На интернет-платформите на кои се нудат станови на туристите, многу голем е бројот на понудувачи од Грција. Меѓутоа, Атина сака и од нив да збира данок, бидејќи во таа земја бројот на туристите се зголемува, но приходите од туризмот се намалуваат.

Марија е во дилема. Изминатите години на туристите го изнајмувала својот стан во атинскиот кварт Амбелокипои и тоа за неа било финансиски спас. Но грчките даночници сега сакаат да видат нешто повеќе од тие пари кои таа ги зима директно од туристите. Имено, сите кои ги нудат своите станови, мора да се запишат во регистер и секако да го пријават приходот кои така го оствариле. Ако на тој начин заработувале помалку од 12.000 евра, државата сака 15 отсто, ако станот бил изнајмен до 90 дена. Ако е над тоа, тогаш данокот може да биде и 35 проценти. Тој кој ќе го прекрши тој закон, може да биде казнет со парична казна најмалку до 5.000 евра.

Марија секако се уште не знае што да прави, т.е. дали да не го почитува тој закон и да ги задржи сите 40 евра колку што ги добива за ден од гостите, во надеж дека даночниците нема да ја фатат. Меѓутоа, тоа на нив нема да им биде многу тешко со оглед на тоа дека таа, за да привлече туристи, мора на интернет-платформата точно да наведе каде и се наоѓа станот.

Или ќе мора да ја зголеми цената за да може да го плати данокот. Вели дека повеќе не може без приходите кои така ги остварувала и додава дека станот и станал воедно и нејзин благослов и нејзино проклетство. Од една страна, секако дека е добро да се има стан и да не се грижиш околу тоа во староста. Но од друга страна, тоа за неа станал преголем финансиски товар: купила стан пред кризата за околу 100.000 евра и за тоа подигнала кредит.

Секако дека не знаела да во кризата нејзините приходи ќе се намалат за една третина, а дека ратите и условите на кредитот ќе останат исти.
Изнајмувањето всушност и било единствен излез: „Ако го изнајмувам станот неколку дена кога привремено се преселувам кај родителите, тогаш остварувам мал дополнителен приход и со тие пари можам да го отплатувам кредитот”. Но и грчката држава панично бара нови извори на приходи, пред се бидејќи во таа земја на сите се уште не им е јасно дека приходите мора да се пријавуваат и дека на нив мора да се плаќа данок.

Повеќе туристи – помали приходи

Само на американската платформа „Airbnb” каде секој може да понуди сместување на туристи, има околу 30.000 недвижнини во Грција. Атина со новиот закон и буџет сака да слее најмалку 250 милиони евра. Притоа грчките даночници се единствени кои инсистираа на донесување на таков закон против „дивите” угостители: Андрас Андреадис, кој е на чело на грчкото Здружение на туристичкото стопанство (SETE) уште минатата година се жалел на „нелојалната конкуренција” на приватното сместување. Новите податоци на грчката централна банка исто така се доказ дека големи пари одат во непозната насока: лани од јануари до ноември Грција ја посетиле над 24 милиони туристи, што е околу 5 отсто повеќе од претходната година, но наспроти тоа, евидентираните приходи од туризмот се намалени. Во 2015 година тие изнесувале околу 14 милијарди евра, а лани цела милијарда помалку. Дали за тоа се виновни приватните понудувачи на сместување? „Веруваме дека тоа е поврзано, но за жал не располагаме со точни податоци” – вели портпаролот на Здружението Ксенофон Петропулос. Во разговор за Дојче веле тој го поздравува донесувањето на новиот закон, но и предупредува дека и во него има некои недостатоци, на пример кога станува збор за горната граница од 12.000 евра годишно: „Сигурен сум дека сега многу понудувачи некако ќе наместат дека заработуваат под таа граница и поради тоа ќе плаќаат многу помал данок”.

Петропулос, додуша признава дека сигурно има и други причини за намалените приходи. Политичката несигурност исто така штети на приходите од угостителите. Дури по туристичката сезона беше завршена првата проверка на напорите на грчката влада да ги спроведе мерките за штедење, многу подоцна од што беше планирано. „Тие одложувања предизвикаа шпекулации за тоа што ќе биде со Грција. Затоа за жал бевме принудени на странските тур-оператори да нудиме многу ниски цени, за да привлечеме туристи во земјата” – се жали портпаролот на SETE.

Да се плати данок, или да се продаде?

На таа несигурност всушност не и се гледа крајот: грчката влада повторно преговара со кредиторите и сега се чека втора проверка на грчките приходи и расходи. Притоа сега повеќе не е само Атина непознаница во преговорите. Имено, еден од соговорниците е и ММФ, а со оглед на тоа дека таа најголема финансиска тежина ја носат САД, големо прашање е дали денешен Вашингтон воопшто сака да помага на Грција и Европа. Тоа ќе биде тема и за министрите за финансии на земјите на еврозоната на состанокот на 20 февруари.

Што се однесува до Марија, таа веќе размислува за тоа да го продаде станот, бидејќи тогаш повеќе не би имала грижа ни со даноците, ниту со кредиторот. За износот кој сама го плаќа, може да плаќа кирија, бидејќи и тие во Атина поради кризата се подносливи. Но, ако се се собере и одземе, ни тоа не и е решение: „Со оглед на сегашната состојба на грчкиот пазар на недвижнини, за овој мој стан би добила најмногу 60 до 70 илјади евра, а пред неколку години го платив 100.000 и во меѓувреме плаќав камати. Паметна инвестиција изгледа поинаку”.

Би можело да ве интересира

Земјотрес го погоди денеска грчкиот остров Самос

Преспанскиот договор оспорен во предизборието, анализира грчки Катимерини

Александар Тодески

Дводневен штрајк на царинските служби во Грција

Орце Костов

По силниот земјотрес во Грција, тлото продолжува да се тресе

Два силни земјотреси ја погодија Грција

Горан Наумовски

Тело на мртов маж најдено во Јанина, околу главата и нозете му биле врзани вреќи со ѓубре

Горан Наумовски