Клинтон бара ФБИ да ги објави сите факти од истрагата против неа

Од:

Демократскиот кандидат за преседател на САД, Хилари Клинтон го повика американското Федерално истражно биро (ФБИ) да ги објави сите факти во врска со истрагата против неа околу службените електронски писма, што таа ги испраќала од нејзината приватна и-мејл адреса додека ја извршуваше должноста американски државен секретар.

Ваквото барање на Клинтон уследи откако ФБИ вчера го информира Конгресот на САД дека ја разгледува можноста за отпочување нова истрага против неа во врска со испраќањето службени електронски писма од нејзината приватна адреса. По претходната истрага, што заврши во јули, ФБИ соопшти дека нема основа за покренување кривична постапка против Клинтон.

– Американскиот народ заслужува итно да ги дознае сите факти. Самото ФБИ посочи дека не знае дали и-мејлите за кои говори се важни или не, изјави Клинтон на прес-конференција во американската сојузна држава Ајова.

Клинтон нагласи дека не ја знае содржината на електронските писма кои би можеле да бидат опфатени со новата истрага на ФБИ и изрази надеж дека Бирото нема да го промени својот став изнесен по завршувањето на претходната истрага во јули.

– Уверена сум дека каква и да е содржината (на писмата), тоа нема да го проемни заклучокот донесен во јули, рече Клинтон.

Претседателски кандидат на републиканците Доналд Трамп, кој синоќа веднаш ја поздрави најавата на ФБИ за можна нова истрага против Клинтон, ја објави неговата демократска противкандидатка дека се обидува да го исполитизира случајот со тврдењето дека за својата одлука Бирото ги инфромирало само републиканските конгресмени.

Трамп ја обвини Клинтон дека лаже кога тврди дека ФБИ за своите планови ги известило само републиканските конгресмени, додавајќи дека и некои демократи биле информирани за тоа.

Според Трамп, најновиот развој на настаните околу електронската пошта на Клинтон, претставува најголем политички скандал во САД по „Вотергејт“, кој доведе до оставка на тогашниот американски претседател Ричард Никсон во 1974 година.

Во врска со можната нова истрага на ФБИ против Клинтон се огласи и демократскиот кандидат за американски потпретседател Тим Кејн, кој изјави дека е „многу вознемирен“ од целиот развој на настаните.

Според него, ФБИ треба треба да соопшти повеќе детали за целиот случај, кој се обелоденува на десетина дена пред изборите закажани за 8 ноември.

Кејн додаде и дека е вознемиран што за своите планови ФБИ прво ги информирало медиумите, а дури потоа официјалните претставници.

Еј-Би-Си Њуз објави дека до новооткриените електронски писма, поради кои е можна нова истрага против Клинтон, ФБИ дошло во рамки на истрагата против поранешниот конгресмен Ентони Вајнер во врска со СМС пораките со сексуална содржина што тој и ги испраќал на едно 15-годишно девојче.

Според телевизијата, мејловите на Клинтон биле откриени при проверка на лап топ компјутерот што го користел Вајнер од страна на агенти на ФБИ.

Американскиот Национален републикански комитет синоќа оцени дека по најновите откритија на ФБИ, Клинтон треба да биде исклучена од претседателската трка „поради вмешаност во корупција“.

– Овие шокирачки информации го покренуваат прашањето за тоа какви материјали не биле доставени (во претходната истрага) и дали тоа значи дека имало обид за кршење на законот. Несомнено, во времето кога работеше во Стејт департментот на САД, Хилари Клинтон илјадници пати создала услови за откривање на доверливи информации, во обидот да ги прикрие своите корупциски шеми со исплата на пари за извршени услуги, се наведува во реакцијата на Националниот републикански комитет.

Според највисокото раководство на Републиканската партија овие сознанија „би требало да бидат основа за дискавлификација од изборната трка на кој било кандидат за претседател“.

Ваквото барање на републиканците успеди по објавувањето на последната анкета на јавното мислење која покажува зголемување на предноста на Клинтон пред републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп.

Според анкетата на Ројтерс/Ипсос, спроведена меѓу 21 и 27 октомври, 42 проценти од испитаниците изјавиле дека на изборите на 8 ноември ќе гласаат за Клинтон, а 36 за Трамп.

Разликата е од шест проценти претставува зголемување за два проценти поени во однос на претходната анкета на Ројтерс/Ипсос од пред една недела, кога предноста на Клинтон пред Трамп изнесуваше четири отсто.

Би можело да ве интересира

(ВИДЕО) Едно лице загина откако цистерна со нафта експлодира на автопат во Алабама

САД одделно ќе гласа за помош на Украина и Израел, републиканците на Трамп се закануваат

Спектакуларно бегство на затворен од САД

САД: Очекуваме Иран да го нападне Израел

САД: Му кажавме на Иран дека не учествуваме во нападот на конзулатот во Дамаск

Невреме во југоисточниот дел на САД: Едно лице загина, повеќе од 100.000 без струја