Кафе-барот „Аквариус“ сам ќе си ја урне дивата платформа

Од:

Охридскиот кафе-бар „Аквариус“ сам ќе си ја урне платформата која навлегува во Охридското Езеро. Терасата на барот е незаконска и нелегална, а направена е пред повеќе години. Информацијата за „А1он“ ја потврди менаџментот, кои додаваат дека со уривање ќе почнат по летната сезона.

Одлуката утринава му била соопштена и на градоначалникот Константин Георгиевски. Тој пак, изрази благодарност до менџаментот бидејќи покажале еколошка свест и општествена одговорност.

„Упатувам апел до сите да почнеме да го креираме новиот Охрид, со позитивна намера, а не со репресивни мерки кои не сакаме да бидеме принудени да ги користиме“, рече Георгиевски.

Дивоградбите во Охрид станаа актуелни откако УНЕСКО побара градот да биде ставен на листата на загрозени подрачја, а советникот Нефи Усеини за четири месеци изгради две дивоградби, од кои едната е во заштитениот дел на градот.