ИВЗ бара да запре изградбата на местото на Бурмали џамија

Од:

Градежните активности на градските власти на парцелата каде уште пред неколку години беше побарано да се обнови Бурмали џамија, се директна провокација кон муслиманите во Македонија, смета Координативниот совет на невладините организации за обнова на Бурмали џамија.

– Постојаното игнорирање на нашите повеќегодишни барања до Владата на Република Македонија за враќање на Вакафот и за дозвола за обнова на Бурмали џамија на местото каде што постоела неколку векови, овие денови, за жал го достигна највисокиот степен на институционална дрскост, дозволувајќи почетни работи за изградба на хотелот – се пожалија денеска засегнатите невладини организации.

Започнувањето со градежните зафати го гледаат како диерктен удар и провокација на исламската заедница во целост, како и загрозување на меѓуетничките и меѓуверските односи во земјава, објави Плусинфо.

Бараат од Владата, од Општина Центар и од Град Скопје да се прекине со зафатите на парцелата и сериозно да се разгледаат нивните повеќегодишни предлози за обнова на верскиот објект, кој, како што велат, е големо културно-историско наследство на исламот.

– Нашата реакција нема етнички и религиозни мотиви, туку одбрана на една категорија граѓани. Некои луѓе не смеат да градат над историските темели кои се од посебно значење на една заедница, не треба да се гради над она што го сметаме за свето – вели Рамадан Рамадани.