Хаити бара меѓународни сили поради проблемот со насилството

Од:

Владата на Хаити одлучи да побара помош од меѓународните трупи откако банди и демонстранти ја парализираа државата.

Премиерот на Хаити, Ариел Анри апелираше до меѓународните партнери „веднаш да распоредат специјализирани вооружени сили, во доволен број“, за да се запре кризата ширум земјата, делумно предизвикана од „криминалните дејствија на вооружените банди“.

Во документот што го објави Владата, а кој го потпишаа премиерот и 18 функционери, се посочува дека ситуацијата е критична и дека на Хаити му се заканува „хуманитарна криза“, која може да ги загрози животите на илјадници луѓе бидејќи се намалуваат залихите на вода, гориво и основни производи.

„Императив е да се рестартираат активностите за да се избегне целосно задушување на националната економија“, се наведува во документот.

Амбасадата на САД вчера ги повика своите граѓани да го напуштат Хаити поради здравствената и безбедносната криза на островот.

Хаити се соочува со хронични проблеми со насилство и блокада на пристаништата од криминални банди, економска и политичка криза и граѓански немири низ островот ескалираа откако властите на 11 септември објавија крај на владините субвенции за гориво, што доведе до вртоглаво покачување на цените на бензинот и дизелот.

Минатиот месец, министерот за здравство на Хаити рече дека најмалку седум лица починале од колера, укажувајќи на проблемите со пристапот до чиста вода за пиење во најсиромашната земја во Америка. Oд епидемијата на болеста во 2010 година на островот живот загубија над 10.000 луѓе.

Извор: МИА

Би можело да ве интересира

Изгорени трупови по улиците, луѓето бегаат, бандите прават пустош на Хаити

Полицијата уапси млад штипјанец кој си ја истепал девојката

Тепачка на скопски Кванташки пазар: Насилник со пиштол истепал познаник

Претепани две жени – тројца мажи им влегле со дрва и шипки во дворот, се заканувале со убиство и при апсењето

Пијан насилник нападнал полицаец во Битола

САД ги повикаа своите граѓани да го напуштат Хаити што е можно поскоро поради ескалацијата на насилството