Брунеи: Ќотек за грешниците

Од:

Богатиот Султанат Брунеи од 1 мај применува исламски казни, па граѓаните во земјата се казнуваат со тепање.

Судот во Султанатот Брунеи осуди еден индонезиски градежен работник на три удари со стап по грб и 12  месеци затвор, бидејќи на време не ја напуштил земјата кога му истекла дозволата за престој.

Но, тоа изгледа е само почеток на примена на неодамна изменетиот кривичен закон, кој бидејќи се темели на стриктното шеријатско право, предизвика протести и вознемиреност кај организациите за заштита на човековите права во светот.

Имено, од 1 мај Брунеи применува традиционални исламски казни за недолично однесување, за пиење алкохол, непокривање на жената со превез, конзумирање на храна или пијалаци во текот на Рамазан, отсуство од молитва во петок или вонбрачна бременост.

Во втората фаза на јакнење на строгоста, која почнува кон крајот на годината, за кражба следува тепање со стап и сечење на една рака, а од идната година ќе се применува и каменување до смрт поради кривични дела како што се прељуба и содомија, т.е. хомосексуални односи.

Овој мал, но исклучително богат со нафта, султанат на Борнео, со само околу 400.000 граѓани е прва земја во Азија која воведе шеријатски кривичен закон на државно ниво.

Индонезиската провинција Ачех на Суматра, исто така, има верски судови, а и Малезија го прифаќа однесувањето на муслиманите, иако казните се поблаги, понекогаш дури и симболични.

Околу 70 отсто поданици на султанот Хасанал Болкијах (67) живеат според Куранот, иако 15 отсто од населението се етнички Кинези, будисти и конфучионисти, а има и голем број католици.

Условно, новиот закон може да се применува и на нив, бидејќи ќе се казнува преминот во христијанство, т.е. користење на зборот Алах за тие кои не се муслимани, а многу се проблематични и јавните крштевки или неисламските венчавки.

По прогласувањето на овие драконски мерки многу јавни лица на либералниот Холивуд каде владетелот на Брунеи го поседува познатиот хотел „Беверли Хилс“, организираа протести укажувајќи дека лицемерниот султан повеќе не смее да биде сопственик на објект во кој царуваат сите слободи на 21 век, додека британските медиуми го обвинија синот на кралицата Елизабета Втора, принцот Чарлс за недолична блискост со султанот, кој бил посебно ценет гостин на свадбата на принцот Вилијам и Кејт Мидлтон.

Исто така, има и иницијативи владата во Лондон да го повлече од Брунеи баталјонот Гурки, кој практично служат како кралска гарда на султанот и повеќе пати имаа решавачка улога во спречувањето на антивладините немири.

Инаку, Болкијах, чие цело име и титула на малајскиот јазик гласи Кебава Дули Јанг Маха Мулика Падука Сери Багинда Султан Хаџи Сер Хасанал Болкијах Ал-Муизадин Вадаулах ибни Алмархум Султан Сер Омар Али Саифудин Султан дан Јанг Ди-Пертуан Негара Брунеи Дарусалам, се женел трипати и има 12 деца, пет принцови и седум принцези.

Освен Алам Салехе (67), со која е венчан од 1965 година и која му роди четири ќерки и два сина, од кои еден е престолонаследникот Билах (40), има и втора султанија, стјуардесата Маријам Абдел Азис од 1982 до 2003. Потоа во 2005 година нејзиното место го зазела ТВ водителката Азрина Хакин, 33 години помлада од сопругот, иако нејзиниот мандат траел само пет години. На двете по разводот им биле укинати сите титули и бенефиции, па дури и паричното издржување.

Како еден од најбогатите луѓе на планетава, чиј имот магазинот „Форбс“ го процени на над 40 милијарди долари, екстравагантниот султан-плејбој, како што се тврди, е сопственик на повеќе илјади автомобили, вклучувајќи ги и рачно произведените ферари, бентли и ламборџини.

Гинисовата книга на рекорди тврди дека неговата колекција од 500 автомобили „Ролс Ројс“ е најголема во светот, како и дека тој поседува примероци од сите модели на формула 1, почнувајќи од 1980 година, вклучувајќи го и „Вилијамсот“ во кој Жак Вилнев се судри со Мајкл Шумахер.

Брунејскиот владетел има на располагање два „Боинга 747-400“ со позлатен мебел, шест помали авиони и два хеликоптера, а на една од принцезите и купил ербас за 18 роденден.

Кралската палата Истана, се смета за најголема резиденција на светотм бидејќи има 1.788 соби, 257 бањи, 44 свечени скали и 18 лифтови, а една од банкет салите е опремена за 5.000 гости. Дворската џамија прима 1.500 верници, под покривот има 200.000 квадрати, а покрај пет базени за капење, во близина има и штала со 200 коњи.

Во престолнината Бандар Сери Бегавану живеат околу 50.000 жители, но околу 60.000 лица ја посетуваат Истана кога е отворена во тек на три дена на рамазанскиот бајрам.

Наспроти бизарните склоности и неконтролираното трошење, султанот дел од богатството кое го стекнува со делба со британската нафтена компанија „Шел“, галантно го насочува и во општи цели, па во Брунеи за домашните граѓани нема даноци, а здравството и образованието се бесплатни.

Покрај функцијата шеф на државата Болкијах врши и работни задачи како прв имам, претседател на Владата, врховен командант, министер за одбрана и за финансии и инспектор на полицијата, а со измените на Уставот тој е прогласен и за непогрешлив во однос на исламските закони.

Политика – Белград

Би можело да ве интересира

Султанот од Брунеи го продолжува мораториумот на смртната казна

Ана Ололовска

На крадците им сече раце, хомосексуалците ги каменува до смрт, а живее развратно и заработува 150 долари во секунда

Ана Ололовска

Стапува во сила драконскиот антигеј закон на Брунеи

Ана Ололовска

ВИДЕО: Султанот од Брунеи прослави 50 години владеење

Ана Ололовска

Поради шеријатскиот закон забранета е прославата на Божик во султанатот Брунеи

Ана Ололовска

Брунеи од 408 илјади жители има 12.200 невработени

Ана Ололовска