Блискиот Исток и Магреб голем потенцијал за македонскиот извоз

Од:

Македонија да ја интензивира трговската соработка со Блискиот Исток и Магреб, да изготви економска стратегија за овој огромен пазар кој брои преку 400 милиони жители наместо, како досега, да дозволи инцидентна размена во која доминира увозот, порача денеска Стопанската комора.

Комората на прес-конференција укажа дека македонските компании имаат потенцијал за настап во овие земји, посебно земјоделството, градежништвото, текстилот, прехранбената, фармацевтската, дрвната, електрометалната и машинската индустрија,…но пред да воспостават какви било деловни односи мора да се запознаат со спецификите, обичаите и традицијата на нивните идни бизнис партнери.

Во оваа насока промовираше и посебен Прирачник кој на речиси 60 страници ги претставува економските параметри на земјите од Блискиот Исток и Магреб, особеностите од правен аспект, можностите за извоз, но ја доловува и различната култура.

– Ако не се знаат културата, обичаите и традицијата, тешко може да се влезе на овој пазар. Кај потенцијалните партнери од Блискиот Исток или Магреб е потребно некој да ве препорача. Тоа им значи повеќе отколку квалитетот на производите што ги нудите. Пред да воспостават деловен контакт, тие ќе сакаат да ве запознаат како човек, да ги видат вашите семејни вредности. Вербалната комуникација им е многу побитна од пишаната, истакна Даниела Михајловска Василевска од Стопанската комора, еден од авторите на Прирачникот.

Според Билјана Пеева Ѓуриќ, исто така од Комората и автор на Прирачникот, Македонија, освен на традиционалните и другите пазари во ЕУ, треба сериозно да се фокусира и на ова подрачје како трета опција за извоз. Но, добро би било македонските компании најпрво да почнат соработка со партнери од Мароко и Обединетите арапски емирати, а потоа, преку нив, да влезат и на пазарот во останатите северо-западни африкански земји.

И Пеева Ѓуриќ рече дека дека за да се развиваат трговските односи со Блискиот Исток и Магреб, економските параметри на секоја од земјите, правната рамка и обичаите и традицијата мора да се знаат.

– Економската соработка со Блискиот Исток и Магреб засега се одвива инцидентно, без стратегија, со флуктуации на годишно ниво, што упатува на фактот дека стратешки партнерства меѓу компаниите не се воспоставени. Со речиси половина од овие земји немаме потпишано билатерални договори, ниту спогодби за слободна трговија, а со оние, пак, што имаме, трговијата не е најдиректно регулирана, повеќе е опфатена даночната сфера, посочи Пеева Ѓуриќ.

Во периодот 2010 – 2015 година вкупната размена на Македонија со овие земји е 430 милиони долари од кои 107 милиони се извоз, а 322 милиона увоз. Најмногу соработуваме со Израел, Ирак, Саудиска Арабиуја, Алжир, Тунис, Мароко, Египет и Обединети Арапски Емирати. Во извозот преовладуваат тутун и цигари, овошје, житарки, лекови и производи од железо и мермер.

– Интересот за соработка се зголемува во континуитет, но увозот, за жал, преовладува, напомена  Пеева Ѓуриќ.

За интензивирање на економските односи, Комората, преку Клубот на фирми за соработка и ревитализирање на стопанските врски со земјите од Блискиот Исток и Магреб ќе организира бизнис форуми и учества на саемски манифестации. Храната и лековите се главниот адут за извоз.

Би можело да ве интересира

Трипуновски: Јаболкото во Ресен ќе остане неоткупено заради големиот увоз на странско јаболко во Македонија

Орце Костов

Државата исправена пред економска логика – ќе го поддржат ли извозот на рударството за зголемен економски раст?

Орце Костов

Во првите 11 месеци од 2023 година покриеноста на увозот со извозот 75,2 отсто

Македонските дипломати во Кина ќе помагаат на компаниите во нивните извозни активности

Предраг Петровиќ

Извоз од 1,441 милијарда долари во првите два месеца од годинава

Зголемени увозот и извозот на земјоделски производи на ЕУ

А1он