Автопат до Охрид нема да има до Нова година: Бочварски кој ова го вети лани, не дава оставка

Од:

Во декември 2022 година министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски и премиерот Димитар Ковачевски на заеднички настан најавија асфалтен бум и отворање на автопатот Кичево-Охрид кој се гради десет години.

Но, ниту патот не е завршен, ниту пак некој ќе понесе одговорност што деценискиот проект ги чини граѓаните досега околу 600 милиони евра, а тие се уште возат по стариот, оштетен и небезбеден пат Кичево – Охрид.

„А1он“ испрати неколку прашања до кабинетот на министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, но наместо конкретни одговори до медиумот кој му се обраќа, тој одлучи да ги образложи проблемите преку заедничко соопштение до јавноста.

„Во овој момент, во тек е ревизија од Државниот завод за ревизија во Јавното претпријатие за државни патишта во однос на финансиските извештаи и услогласеност како и ревизија за успешност на капиталните инвестиции.

Министерството за транспорт и врски и ЈП за државни патишта, преку Надзорниот орган ангажира експерт за Фидик договори преку кој треба да се обезбеди анализа на договорот како и решенија за сите идни чекори на Владата за реализација на проектот за изградба на автопатската делница Кичево – Охрид.

Ова е потребно од причина што рокот за реализација на овој инфраструктурен проект завршува на 31 декември оваа година, а до тогаш Министерството за транспорт и врски и ЈП за државни патишта преку Владата ќе донесат одлука со најсоодветното решение за дореализација на овој проект. Дополнително, информираме дека појавени се единесет нови свлечишта на трасата и поради тоа ќе се ангажираат меѓународни експерти кои ќе дадат предлог проектански решенија и мислење за целокупниот проект“, стои во соопштението од Министерството.

Освен информацијата дека се појавиле 11 нови свлечишта на трасата, која инаку беше планирана пред десетина години и никој од власта во последните седум години не забележа дека изведувачот има сериозни проблеми, нема одговор на прашањата за тоа до каде е фактичката состојба на патот, дали ќе се раскине договорот со кинеската компанија „Сино Хидро“ и колку тоа ќе ги удри граѓаните по џебот.

Министерот не одговори ниту дали ќе си поднесе оставка затоа што ланското ветување не е остварено, ниту пак кој смета дека треба да понесе одговорност што граѓаните чекаат десет години да се изградат 50 километри автопат.

Би можело да ве интересира

Има пари за решавање на свлечиштата на автопатот Кичево-Охрид, тврди Бочварски

Наместо за 10, автопатот Кичево-Охрид ќе се изгради за 12 години: Собранието го поддржа предлогот за нов рок

Горан Наумовски

Рокот за изградба на автопатот Кичево-Охрид да се пролонгира до крајот на 2026 година, предлага Владата

Експресно оттуѓен имотот на делницата Тетово-Гостивар, заглави експропријацијата кон Букојчани

Орце Костов

Новиот состав на Собранието ќе одлучи на кој начин ќе продолжи проектот со автопатот Кичево-Охрид

Завршува обновата на автопатската делница Катланово-Петровец